АХВ: Од 1 септември почнува бесплатното чипирање на домашните миленици

Facebook
Twitter
Email
Print

Од сабота 1 септември почнува кампањата за бесплатна идентификација и регистрација на домашните миленици (кучиња и мачки) што ќе трае до 31 март идната година или до потрошувањето на набавената колична од 100.000 микрочипови. Ќе се спроведува по принципот „прв дојден, прв услужен“.

 

За спроведување на кампањата Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) склучи договори со 135 ветеринарни друштва кои ќе извршат бесплатна апликација на микрочипови кај домашните миленици и ќе ги внесат податоците во информативниот систем на АХВ.

 

„Сопствениците ќе треба да платат само 120 денари за издавање на пасош за домашен миленик што ќе можат да го употребат при патување надвор од државата“, рече директорот на АХВ Зоран Атанасов на денешната прес-конференција.

 

Тој посочи дека утре на веб-страницата на АХВ ќе биде објавена листата на ветеринарни друштва со кои е склучен договор во која ќе стојат телефонските броеви и електронската пошта на ветеринарното друштво за да можат сопствениците да стапат во контакт.

 

„Секој сопственик има законска обврска да го микрочипира својот миленик и доколку не ја спроведе предвидена е санкција од 30 евра во денарска противврредност. После завршувањето на кампањата АХВ ќе спроведе зајакнати контроли за да провери дали сопствениците извршиле идентификација и регитрација на нивните домашни миленици. Затоа ги повикувам сопствениците масовно да ја искористат еднократната донација и да ги микрочипираат своите миленичиња“, рече Атанасов и додаде дека со договори со ветеринарните друштва е покриена целата територија на Република Македонија.

 

Претседателот на Ветеринарната комора Д-р Томислав Николовски посочи дека создавањето база на податоци е почеток на решавање на проблемите со домашните миленици.

 

„Апелирам до сопствениците да ја искористат оваа ретка шанса да можат бесплатно да ја исполнат својата обврска и до 31 март да ги донесат своите домашни миленичиња и да се изврши постапката на идентификација и регистрација. Тоа е безболна процедура која не носи никакви ризици, бидејќи микрочипот е во големина на зрно ориз и е направен од бикомпатибилен материјал и не создава никави реакции при апликацијата“, рече Николовски.

 

Граѓаните кои нема да ја искористат бесплатната апликација за микрочипирање ќе треба да платат 800 денари само за микрочипот и дополнителни средства за апликацијата. Проверка дали некое домашно милениче е чипирано ќе се прави доколку биде заловено и однесено во прифатилиште. Доколку се утврди кој му е сопственик ќе се стапи во контакт со него, а доколку не било микрочипирано се плаќа казна од 50 до 75 евра. Микрочипирањето ќе помогне и при пронаоѓање на изгубени миленици, а сопред проценките на АХВ ќе придонесе и за намалување на проблемот со кучињата скитници.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи