Објавен нов број на списанието „Стремеж“

Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп го издаде првиот број на списанието „Стремеж“ за 2018 година. На челно место во овој број на „Стремеж“ е поезијата на полскиот поет Адам Загајевски, добитник на „Златен венец“ на СВП, во препев на Звонко Димоски. Рубриката Препеви и преводи донесува и неколку песни од Руми, препеани од Тихомир Јанчовски.

 

Во рубриката Поезија застапени се најновите поетски остварувања на Ристо Јачев, Борис Апостолов, Јовица Иваноски, Тони Павлески и Наташа Сарџоска, а во рубриката Проза расказите на Владимир Илиевски, Сузана Ѓорѓиевска и Маја Апостолоска. Новата рубрика насловена Нови гласови, ја промовира поезијата на дваесет и двегодишниот автор Андреј Ал-Асади.

 

Во рубриката Критики, есеи, студии Лидија Капушевска Дракулевска се осврнува на романот на Фросина Пармаковска „Одбројување“, Наташа Аврамовска го промовира новиот роман на Драги Михајловски „Бдеењето на Одисеј“, Весна Мојсова-Чепишевска ја анализира поезијата на словенечкиот поет Милан Јазбец и Лидија Митоска-Ѓорѓиевска дава свое видување на романот „Чума“ на Албер Ками.

 

Рубриката Театар го донесува текстот на Тодор Кузманов посветен на овогодинешното 53-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, а последната рубрика In memoriam ги чува од заборав ликот и делата на Матеја Матевски, Трајче Крстески и Лилјана Дирјан за кои говорат Јовица Тасевски-Етернијан, Габриела Стојаноска-Станоеска и Оливера Ќорвезироска.

 

Новата редакција на списанието е во состав: Габриела Стојаноска-Станоеска, Јовица Тасевски-Етернијан и Иван Антоновски.

 

Списанието е отпечатено со поддршка на Министерството за култура.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien