ВИДЕО – ВМРО-ДПМНЕ: Суетата и алибито на Јованоски остава 100тина деца и понатаму да патуваат 2 км до училиште

Во подрачното училиште на ОУ “Рампо Левката”, сместено во населбата “Сточен пазар”, иако целосно изградено, се уште нема детски џагор. Јованоски ветуваше нови училишта, но неговата суета и алиби се уште остава 100тина деца да патуваат по 2 километри до најблиското училиште, обвинија на денешната прес конференција од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

 

Денеска е 3-ти септември, почеток на новата школска година. На почетокот од оваа прес конференција сакам на сите првоодделенци и на сите ученици од нашата општина, во име на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, да им го честитам почетокот на новата учебна година. Им посакуваме многу успеси, со желба да бидат генерациите на кои сите ќе бидеме горди.

 

Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2005 до 2017 година вложи над 12 милиони евра инвестиции во образованието во Прилеп. Се инвестираше без исклучок во сите училишта, како во градот, така и во населените места, а како резултат на тие инвестиции, денеска значително се подобрени условите за настава и работа.

 

Подрачното училиште на ОУ “Рампо Левката”, сместено во населбата “Сточен пазар”, беше изградено на барање од жителите на населбите кои гравитираат во овој дел од градот. Ова училиште требаше да ја доближи наставата поблиску до децата од овие населби и значително да им го олесни секојдневието на нивните родители. За жал, денеска во ова училиште, иако објектот е целосно изграден, нема да се слушне детскиот џагор. Причината за тоа, како и за многу други работи, е суетата и барањето алиби на градоначалникот Илија Јованоски.

 

Наместо денеска да се ставеше крај на проблемите на голем број родители , чии деца патуваат повеќе од 2 километри до најблиското училиште, поради неработењето на локалните власти, тоа ќе продолжи и во оваа школска година.

 

Заборави ли Јованоски дека во неговата предизборна програма ветуваше нови училишта? Дали градоначалникот и општина Прилеп сакаат да помине време и да се заборави кој го изгради ова училиште, а потоа како што направија со градинката во ОУ “Рампо Левката”, да го претстават и овој проект како свој?

 

Заборави ли Јованоски дека речиси една година е на власт и дека граѓаните очекуваат резултати и реализирани проекти? Само доколку се потрудеше да се заврши се’ што се започна, веќе денеска Прилеп ќе беше подобро место за живеење, додека на ваков начин оставаат нов објект на милост и немилост. Ваквата несериозност, незаинтересираност и неработење, прилепчани веќе ја препознаа и токму затоа во прва наредна прилика ќе ја казнат оваа расипничка власт.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien