Започна новата учебна 2018/2019 година

Возбудата од првото училишно ѕвонче во општина Прилеп ќе ја почувствуваат 715 првачиња, додека за прв пат во средношколските клупи ќе се седнат 820 ученици. Вкупниот број на ученици во основните и средните училишта изнесува околу 9.970, од кои 6.725 во основното и 3.245 во средното образование.

 

По повод почетокот на новата учебна 2018/2019 година, градоначалникот Илија Јованоски го посети ООУ „Климент Охридски“. Посакувајќи им среќен почеток на школската година, во своето обраќање пред наставниците, учениците и нивните родители, градоначалникот истакна дека учењето и стекнувањето на нови знаења, е единствената виза за убавата професионална иднина на младите генерации.

 

Истовремено, градоначалникот Јованоски потенцираше дека сите деца, колку и да се различни и нетипични во својот развој, сите тие се исти, исто сакаат и подеднакво тагуваат.

 

„Сакам да го потенцирам она што е од исклучителна важност за сите нас. Тоа е, дека сите ние треба да сфатиме, дека сите деца се исти, колку и да се различни, дел од нив нетипични во својот развој. Сите исто чувствуваат, исто сакаат, на исти нешта се радуваат и подеднакво тагуваат. Од тој аспект, како градоначалник, но и како родител, токму денеска на првиот училиштен ден, апелирам  до сите наставници, професори, педагози, директори, подадете им рака и еднакво грижете се, образувајте ги и воспитувајте ги сите ученици! Секој ученик е еднакво важен за нашето општество. Различноста не ги прави, едните од другите помалку вредни“, изјави Јованоски.

 

Директорот на ООУ „Климент Охридски“, Зоран Сребреноски, рече дека во текот на летните месеци во училиштето биле преземени повеќе реконструкциски зафати и дека првиот училишен ден го пречекуваат комплетно подготвени.

 

„Варосавме поголем дел од училниците, променивме дел од електричната инсталација, опремивме неколку училници со нови нагледни средства, конкретно, набавивме 10 смарт телевизори кои ќе ги заменат компјутерите кои не фунционираат. Оваа година во нашето училиште ќе имаме околу 100 првоодделенци, за разлика од минатата година кога тој број беше помал за 20 ученици“, истакна директорот Сребреноски.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи