ВИДЕО – ФК Победа : Задоволни сме од овие 4 кола бидејќи се уште немаме свој терен

Како клубско раководство не можеме да бидеме незадоволни од она што се случува во овие 4 кола, со оглед на тоа дека се уште сме домаќини во гости, немаме свој терен, што е наша најголема болка. Истакна на денешната прес конференција спортскиот директор на ФК Победа, Јане Николоски.

 

 

„Во првите 4 одиграни кола освоивме 5 бодови, јас верувам дека можевме да освоиме во тие 2 натпревари на гостински терен уште 4 бодови, но што е тука е, она што поминало не можеме да го вратиме. Тие ситуации кои за нас беа поволни во финишот на тие 2 натпревари не ги искористивме, меѓутоа јас верувам во работата на стручниот штаб и фудбалерите и се надевам дека ќе се консолидираат и дека допрва ќе следуваат добрите игри и добрите резултати“, истакна Николоски.

 

Шефот на стручниот штаб Тони Мегленски посочи дека во наредниот период ќе се знаело повеќе каде се движи клубот.

 

„На некој начин од резултатите не можам ни јас да бидам незадоволен, но за играта конкретно на овие 4 натпревари и тој куп натпревар, евидентно е дека имаме уште многу работа, односно да тренираме во организација на игра. Јас сум задоволен единствено од желбата, од пристапот на игра, но верувам дека со текот на утакмиците, затоа и закажуваме вакви контролни, јаки натпревари, за екипата од натпревар во натпревар да се уигрува. Знаеме дека имаме проблеми со нови играчи, повредени играчи, каде што се надевам дека во овој временски период додека има пауза ќе се консолидираме, ќе се доекипираме и во наредниот период ќе имаме многу подобри игри во таа трета фаза, каде ни треба завршен пас за да постигнеме некој гол повеќе. Ние да не заборавиме имаме еден гол постигнато, а пет бодови. Не можеме да бидеме незадоволни. За нас ќе биде добар овој период од пауза овие 2 недели, со тоа што јас мислам дека во овој период да се доекипираме, затоа што после имаме во рок од 14 дена 4 натпревари, каде што на некој начин ние ќе знаеме како сме, што сме. Ги имаме Ренова, Академија Пандев, па натпревар во среда со Шкендија и Вардар. Жалам што на овие два натпревари не играме во Прилеп. Во поголема преднос е противникот, иако ние сме домаќини, бидејќи играме во гости. Мислам дека треба да се екипираме, на овие 4 натпревари да извадиме максимум и после ќе знаеме ние на кое место на табелата сме и како би се однесувале понатаму“, истакна Мегленски.

 

Според Николоски пак овие 4 натпревари ќе ја даделе насоката каде ќе се движеле, дали Победа има сила да атакува на излез во Европа.

 

„Овие 4 натпревари ќе ни ја дадат насоката каде ние ќе се движиме, дали Победа има сила да атакува на излез во Европа, или Победа ќе биде екипа што ќе биде на средината на табелата и нема да дозволи да ни се случи она што ни се случи минатата сезона, а тоа е борба за опстанок до последен натпревар, или бараж. Јас се надевам дека ние имаме сили и квалитет да го избегнеме пред се играњето бараж, или борбата за опстанок, а се она што ќе го направи оваа екипа плус, или секој приклучок за Европа, сигурно дека ќе биде голема работа, затоа што да не заборавиме дека имаме многу нови имиња во клубот, треба време да се уигра екипата, да се направи своја игра, препознатлива“, додаде Николоски.

 

Мегленски потенцираше дека тие досега работеле доста со овие момци, со овие играчи и јас тој бил на истиот став дека треба многу време да се уиграат, поготово третата зона.

 

„Но јас сум многу задоволен од тоа како играме дефанзива. Ние не даваме многу голови, но и не примаме. Тоа е многу голема работа. Сега имаме натпревари, каде некои работи ќе ги изротираме, да видиме како би се понашале други играчи на некои места. Мислам дека со одреден временски период, ќе дојдат и тие работи во ред. Ние евидентно е дека имаме проблем во тој завршен пас, но ако ги гледаме работите од друга перспектива, како што ние цел тим го анализираме секој поминат натпревар и противник, треба да бидеме коректни и да кажеме дека ние бевме драстично оштетени на некои натпревари од судиите, каде што јас најмалку сакам да зборувам и не знам во кој правец би оделе работите доколку тие пенали би биле досудени. Пример со Силекс имаме два пенали чисти недосудени. Прва минута во второто полувреме против Работнички за 1-1 имаме чист недосуден пенал. Не би знаеле како би биле тие натпревари во продолжение. Тие се ситуации каде се случуваат едноставно на некој натпревар и ние не можеме да бидеме сигурни дека тоа што сме го тренирале да ни се случи на тој натпревар. Значи ние тренираме многу работи, не знаеме која комбинација би излегла“, додаде Мегленски.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien