ВИДЕО – Вработените во Еурокомпозит го одложија протестот за утре пред Влада, во четврток ќе имале средба со Анѓушев

Вработените во Еурокомпозит го одложија протестот кој беше најавен за утре пред Влада. Од кабинетот на вицепремиерот Анѓушев им било најавено дека тој ќе оствари средба со нив во четврток. Од Синдикатот на оваа државна компанија пак најавија дека доколку на таа средба не бидат реализирани нивните барања за да се забрза процесот за технолошки вишок на 130 вработени, тие ќе останат повторно во Скопје со шатори на Илинденска.

 

 

Инаку вицепремиерот Анѓушев вчера изјави дека проблемите во оваа фабрика не биле од денес, туку тие постоеле повеќе години. Анѓушев рече дека откако тие дошле на власт обезбедиле услови оваа фабрика да работи.

 

„Она што беше предложено на вработените е во потполност исполнето. Сега сме во фаза кога на Еурокомпозит преку реструктуирање во стечај ќе гледаме да му обезбедиме стратешки инвеститор и среќни сме што постојат такви инвеститори. Но за тоа е потребно да се поведе правна постапка за која е потребно време“, рече Кочо Анѓуше, Вицепремиер.

 

Но наспроти изијавите на Анѓушев вработените велат дека во моментов немаат воопшто работа.

 

„Немаме скоро никаква работа, немаме здравствено осигурување и крајно е неизвесно дали до 15 ќе земеме плата. Немаме информација дали нешто воопшто се работи околу технолошкиот вишок и продажбата на фирмата“, рече Пеце Вељаноски, член на синдикален одбор.

 

Еурокомпозит моментално е без струја поради неплатен долг од околу 100.000 евра. Анѓушев посочи дека струјата не била плаќана со години, но вработените повторно го демантираат ова и велат дека долгот кон ЕВН го направило претходното раководство, поставено од оваа власт.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien