Почнува големото чистење на океаните од пластика

Бродот кој зад себе влече пластични цевки исполнети со воздух чија цел е да се исчистат океаните од пластично ѓубре исплови во саботата од Сан Франциско на тестно возење пред да го продолжи пловењето кон големото куп отпад (ГПГП) во Тихиот Океан кој се простира на речиси милион квадратни километри.

Целта на амбициозниот проект кој се одвива под надзор на холандската непрофитна организација Оушн клинап е во следните пет години да се изпразни половината од ГПГП (Great Pacific Plastic Patch) или околу 40.000 тони.

 

Океанографот и лидер на проектот Лорен Лебретон потврди дека во купот пацифичко ѓубре има околу 80.000 тони пластичен отпад.

 

По петгодишните подготовки и објавени тестирања „дојде кулминацијата на нашите напори“, изјави возбудено 24-годишниот Бојан Слат, Холанѓанец со хрватско потекло кој го осмисли системот за чистење. Тој е основачот и директор на Оушн клинап.

 

Кажа дека ова ќе биде првиот обид за чистење на купот ѓубре откриен во 1997 во кој според проценки има дури 1,8 трилиони парчиња пластичен отпад. Главно станува збор за отпад кој во морето доаѓа од реките, но и за рибарска и наутичка опрема како делови од мрежи и јажиња.

 

Купот ѓубре, според Лебретон, се трупа уште од педесеттите години на минатиот век.

 

Бродот Маерск лончер зад себе влече големи пловечки цевки исполнети со воздух и долги околу 600 метри, кои ја прават досега најголемата бариета на море наречена Систем 001.

 

Змиестата бариера ќе се формира во облик на потковица и слободно ќе плови носена од морските струи и ветриштата. На цевките во длабочина се поставува преграда долга околу три метри па отпадот ќе се задржува во „потковицата“, а рибите и останатите морски животни ќе можат непречено да пловат во океанот.

 

Откако отпадот ќе се „згусне“ во компактна маса по него ќе дојде брод кој ќе го собере и ќе го однесе на рециклирање. Бродови насобраниот отпад би требало да го одвезуваат на шест до осум недели.

 

Пластичните предмети годишно убиваат и до 100.000 китови, делфини и фоки кои ги голтаат мислејќи дека се храна. Во последно време се откриваат и сѐ повеќе загинати птици чии стомаци се полни со пластика.

 

Морските суштества и птиците често ја јадат отфрлената пластика но на крајот умираат од глад бидејќи всушност не се сити. Другите се заплеткуваат во мрежи од кои не можат да избегаат па често се задушуваат. Секоја година во светските мориња се фрлаат околу 8 милиони тони пластика.

 

„Сакаме да се увериме дека сето ова функционира и за неколку месеци да ги видиме први парчиња пластично ѓубре во пристаништето, што ќе значи дека технологијата е исправна“, кажа Слат за Франс прес.

 

Тој додава дека успехот на тестното испловување значи дека во догледно време во чистење на океаните ќе може да се испрати цела флота од шеесетина системи за чистење.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien