Поднесено обвинение за убиството на Никола Саздовски

Обвинителен акт за убиство е поднесен денеска против двајцата осомничени за свирепото претепување на Никола Саздовски во Автокоманда на 29 јуни годинава, соопшти  Основното јавно обвинителство Скопје. Исто така, за нив е побарано продолжување на притворот.

 

„Поднесувањето на обвинителниот акт следи по спроведена истражна постапка против двајцата обвинети за кривичното дело за кое што се обвинуваат. Во текот на истражната постапка обвинетите беа испитани и дадоа своја одбрана пред надлежен јавен обвинител. Согласно член 302 од Законот за кривична постапка пред завршување на истражната постапка писмено беа известени обвинетите и нивните бранители за да извршат увид во обезбедените докази. При вршење на увидот тие не предложија прибавување на други докази во текот на истражната постапка“, велат од Обвинителството.

 

Како што е наведено во соопштението од Обвинителството, обвинетите на 29 јуни 2018 година околу 17:45 часот на бул. „Александар Македонски“ во Скопје, на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ му пристапиле на оштетениот и му побарале лична карта. Откако оштетениот им ја покажал личната карта, обвинетите неочекувано започнале заедно истовремено да го удираат со боксови во пределот на главата и градите. Од силните удари оштетениот загубил рамнотежа, паднал на тротоарот, по што обвинетите без милост, истовремено и со силни удари продолжиле со клоци да го удираат по главата и градите. Од ударите оштетениот се здобил со тешки телесни повреди со конкретна опасност по животот и западнал во коматозна состојба. Тој бил пренесен во ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Истиот ден бил пренесен во Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар – Скопје, Одделение за анестезија и реанимација, каде на 3 јули 2018 година била констатирана мозочна смрт. Како резултат на здобиените повреди на 9 јули 2018 година оштетениот починал.

 

Истражната постапка против третиот осомничен, кој се смета за соизвршител, е прекината поради тоа што е во бегство. Против него се распишани домашна и меѓународна потерница, и кога ќе биде приведен, истрагата ќе продолжи, велат од обвинителството.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien