ВИДЕО – Штетите од невремето во прилепско проценети на 3 милиони евра, неизвесно е колку Владата ќе даде пари

Три милиони евра, толку е проценката на штетата, која ја направи Комисијата за елементарни непогоди при Општина Прилеп, на штетите од невремето кое на 23 јули го погоди прилепскиот регион зафаќајќи површина од околу 1.000 хектари засадени претежно со тутун, жито и пиперки. Овој заклучок денеска беше усвоен на седница на Совет на Општина Прилеп.

 

 

„Комисијата за елементарни непогоди денеска до советниците на Општина Прилеп го достави збирниот Извештај за проценетата штета на подрачјето на Општина Прилеп, настаната од невремето кое го зафати прилепскиот регион на 23.07.2018 година. Според овој извештај со невремето се погодени 10.571.762 м2, или 1.000 хектари, а висината на штетата изнесува 186.609.144 денари. Најголеми оштетувања има на тутунот, или над 60 отсто од површините погодени од невремето. Поднесени се 1.315 барања за надомест на штета, од кои на 1.263 барања е направена поединечна процена. Одбиени се 40 барања како некомплетни, 7 не се разгледани бидејќи се поднесени од ДООЕЛ-и, а 5 барања се препратени во други општини, каде што припаѓаат катастарските парцели. После ова следува препраќање на вкупниот извештај до второстепена комисија на Влада од каде очекуваме одговор“, вели Жарко Северкоски, претседател на Комисија за елементарни непогоди.

 

Спопред досегашното искуство Владата години наназад обештетувала 10 до 12 % од сумата на проценетата вредност. Во случајов тоа би било околу 300.000 евра, но останува да се види. Инаку годинава за прв пат и Општина Прилеп ќе даде пари за обештетување на земјоделците.

 

„ Денеска Советот на Општина Прилеп го усвои заклучокот од Комисијата за процена на штетите од невремето кое го зафати подрачјето на општината, а кој ќе биде испратен до второстепената комисија при Владата на Република Македонија. Очекуваме во најбрз временски рок Владата да донесе одлука за сумата и опфатот со кој ќе се изврши обештетување на земјоделците. Сега очекуваме одговор од второстепената комисија на Влада колку од барањата кои ќе бидат доставени од наша страна ќе бидат прифатени, колвава површина и колкав број на население ќе биде опфатено со обештетувањето ние како Совет врз основа на тој податок ќе донесе одлука колку средства од буџетот ќе се одделат за да се изврши обештетувањето“, рече Миле Талевски, претседател на Совет на Општина Прилеп.

 

Проценката пак од првото невреме кое го зафати прилепскиот регион на 9 јули изнесува околу 300.000 евра и таа е веќе пратена на второстена комисија на Влада.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien