Лидија Саздовска со изложбата „ЖЕНА“ ќе се претстави во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“

Во петок 14 септември 2018г. во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата „ЖЕНА“ од уметницата Лидија Саздовска, која ќе се претстави со 25 дела.

 

 

 

Изложбата на академскиот сликар и ликовен педагог Лидија Саздовска претставува приказ на богатото творештво кое што било создадено во една поширока временска рамка, односно во текот на четири децении. Низ годините, како што се развивала, созревала и креирала личноста на уметникот, неуморно следејќи го чекорот на длабоко развиената духовна сетилност и интуитивност, се развивал и уметничкиот сликарски израз. Творештвото на Саздовска е класифицирано во повеќе тематски циклуси. Во секој циклус се воочува постепена промена на  ликовната интерпретација на женската фигура и портрет, развиток на структурата на самата композиција, како и функцијата на бојата. Сликарските платна постануваат своевидна интимна приказна, запис, а секој циклус прераснува во мемоар раскажан преку бојата и формата.

 

Истражувајќи ги делата од првата фаза „Меланхолија“, во прв план се воочува сликарската палета. Во основа, уметникот ги користи основните бои: сина, црвена и жолта, во својата чиста форма. Најголем дел од просторот на платното заземаат претставите  на стилизирани женски фигури, насликани во исправена или згрчена положба, со деформирани и нагласени ектремитети, со јадра телесна снага, а понекаде и скратена, неправилна анатомија. Во некои слики претставени се група на фигури кои се збиени една покрај друга. Читајќи ги основните елементи на конструкцијата, можеме да го донесеме следниот заклучок- примарна идеја на уметникот е емоцијата и нејзината интерпретација. Во обид да ги пренесе чувствата- болка, меланхолија или пак очај, Саздовска ја нагласува сината боја и тоновите кои произлегуваат од истата. Како што нам ни се  чини светот празен, кога сме во болка, страв, осаменост, очај, безизлезност, безпомошност, така и сликарските платна оддаваат впечаток на празен свет, каде што единствено оддекнува ехото на емоциите кои апсолутно го обземаат и консумираат човековото битите. Ликовите потсетуваат на фигурите кои произлегуваат од платната на германските експресионисти, чиишто крикови струјат низ боите и потезите немирно нанесени со четка.

 

Во втората фаза „Летно пладне“, сликарството на Саздовска добива нови димензии. Бојата останува примарна алатка за експресија, меѓутоа, се појавуваат нови мотиви. На некои платна присутни се антропоморфни и зооморфни фигури. Додека пак, позадините на некои композиции се збогатени со пејзажи и архитектонски градби. На некои места, наѕираат текстови, кои дополнително помагаат во образложувањето и разбирањето на амбиентот.

 

Третата фаза од творештвото на Лидија, насловено со името „Медитации“ изобилува со престави на женски фигури насликани во различни светови кои паралелно зрачат со естетика, интимизам, интуиција, трансцедентални и медитативни доживувања. Елементите кои што веќе започнаа срамежливо да се појавуваат во втората фаза, тука веќе го достигнуваат својот полн израз. Станува збор, за употребата на симболи и апстрактни знаци, коишто, меѓусебно поврзуваат одредени поими и претстави. Употребата на симболи го означува преминот на уметничкиот јазик од експресивен во надреален. Во основа, уметникот се користи со самите симболи со цел да ја збогати наративноста на делото, како и да ја насочи фантазијата и имагинацијата на набљудувачот. Во некои примери фигурите постануваат персонификација на некаква идеја или апстрактен поим во човечки лик. Додека пак, некои ликови пленат со драматичен и емотивен набој, коишто речиси опојно заведуваат во сосема непозната реалност. Содржината на сликарските платна во циклусот „Медитации“ изобилува со раскошна конструктивна наративност. Фигурите на допојаните женски престави се стилизирани, нагласувајќи ја нежноста и сензуалноста на женската физичка и духовна убавина. Позади секоја фигура уметникот креирал различна приказна. Притоа, за автентичноста на секоја од нив, дополнително сведочи и колоритот, односно хармонијата на боите. Некаде, хармонијата меѓу зелената и сината боја, ја потврдуваат приказната на девојките кои се насликани како да уживаат во својата смиреност, трпеливост и со сопствената сензуалност и мистичност го повикуваат посетителот да застане покрај нив. Некаде, девојката е вознемирирена, очекувајќи некој да ја слушне и нејзината страна на приказната, небаре е несигурна во она што го доживеала. Друга пак, полна со самодоверба и разбирање, стои и чека некој да помине, да застане покрај неа, со цел  да им ја оттргне болката од градите.

 

„Записи“ претставува насловот на четвртата фаза од творечкиот опус на Саздовска. Делата кои припаѓаат на овој циклус радикално се разликуваат од преостанатото творештво. Ликовните елементи се организирани во геометриски композиции, коишто, се појавуваат како асоцијативно-симболични кодови на македонската традиционална орнаментика.  Како разултат на успешното комбинирање на ликовните елементи и нивната артикулација, уметникот креира платна со богат колорит, хроматска рамнотежа и карактеристична текстура.

 

„Љубов“ претставува циклус на сликарски платна, каде што уметникот продолжува да ги истражува начините на интерпретација на човековите емотивни и медитативни состојби. Се чувствува поголема слобода во изразувањето, односно лесно се воочува смелиот и разигран потег. Уметникот продолжува да слика портрети на млади девојки и момчиња. Саздовска ја образложуваа љубота како чин на сплотување како на душите, па така и на телата на вљубените. За уметникот, љубовта претставува животворна сила, без ралика дали станува збор за љубовта меѓу мајка и ќерка или пак меѓу млади адолесценти. Во наративноста на сликарските платна Лидија внесува опојна свежина преку играта со боите, односно со богатиот дијапазон на тонови, како и преку поставувањето на комплеметарни бои една покрај друга.

 

„Портрети“ претставува последниот циклус на Лидија. Станува збор за сликарски платна со мали формати, на чиишто површини насликани се портрети на женски ликови. Притоа, за разлика од претходните портрети, лесно воочливи се изразните карактерни црти, надополнети со богата колористична палета. Портретите изобилуваат со младешка свежина и живот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien