ВИДЕО – Комплетно неизвесно кога ќе се реконструира стадионот во Прилеп и кога „Победа“ ќе игра конечно дома

Двата проекти за реконструкција на градскиот стадион „Гоце Делчев“, кои се наследени се стопирани. Тоа е така бидејќи целосно се спротивни на законските регулативи и штетни во секој аспект. Ова денеска на прес конференција го истакна градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски. Прес конференцијата следува по големите критики во јавноста и социјалните мрежи дека работите околу изградбата на стадионот во Прилеп не се мрднати од мртва точка, иако ќе помине скоро една година откако оваа локална самоуправа е на власт.

 

 

„Има склучено договор помеѓу Општина Прилеп и ФФМ да се реконструира и догради градскиот стадион. Имено Општина Прилеп требало да ја реконструира северната трибината, во првиот дел, а вториот дел било да се постави челична покривна конструкција на северната трибина. ФФМ пак требало да изгради 4 рефлектори и агрегат во стадионот и да го реконструира тревникот. И во едниот и во другиот случај имаме пропусти затоа што не е постапено според препораките на ИЗИС, Институтот за земјотресно инжинерство и сеизмологија од Скопје, затоа што не е направена статика за северната трибина, дали таа може да ја издржи челичната покровна конструкција“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Општина Прилеп.

 

Според Јованоски за оваа намена Општина Прилеп имала предвидено 28 милиони денари, од кои околу 18 милиони денари биле наменети за градежните работи на северната трибина, која требало да ја гради фирмата „Новоградба“ во рок од 90 работни дена започнувајќи од август 2017 година. Но тој зафат не бил изведен за предвидените 90 работни дена.

 

„Работата се имаше завршено само 7 до 8 %. Бидејќи таа работа не била извршена, вториот дел за поставувањето на покривината челична конструкција не беше можно да се изведи бидејќи не беше направена статиката на трибината. Тоа е едниот дел поради која што е стопирана реконструкцијата на градскиот стадион и второ поставувањето на рефлекторите е дивоградба. За поставување на ваков тип на рефлектори со висина од над 40 метри и тежина од над 10 тони не е издадена адекватна дозвола за градба, издадени е само решение за градба, а такво решение се издава за поставување на канделабри на улиците, што е уште една катастрофална грешка. Агрегатот кој бил предвиден, бил предвиден во една од соблекувалните, што е исто така недозволиво. И од тие причини е стопиран и тој дел“, додаде Јованоски.

 

Истите овие информации Јованоски ги соопшти во изјава која ја даде во април оваа година на градскиот стадион. Но и покрај 5 месеци од тогаш работите не се мрднати од мртва точка. Сликата на стадионот во Прилеп е секој ден се полоша и полоша. Ова место наликува како на хорор сцена од некој филм.

 

Јованоски исто како во април повтори дека општината формирала комисија од 5 стручни лица кои ќе направеле целосна ревизија на проектот за да се утврделе сите пропусти. Објавен бил тендер за да се испита статиката во ИЗИС на северната трибина. Па дури потоа ќе се распишел нов тендер за да се извршат градежните работи на северната трибина, а потоа да се постави покровната челична конструкција.

 

„Ама за ова некој треба да понесе одговорност. Мислам дека се отпочнати сите работи, но ова ќе потрае затоа што ќе биде потребно повеќе време за да се заврши проектот и да се започне повторно со работа на градскиот стадион. Се прави нов проект, затоа што претходниот проект не ги задоволуваше основните критериуми. Да напоменам дека фудбалерите на Победа сакаат час поскоро да започнат со тренинзи на теренот од стадиионот, без да бидат реконструирани трибините ии се останато. Незнам колку сме во можност и дали тоа може да го дозволиме и покрак желбата на фудбалерите. Затоа што рефлекторите се дивоградба и мора да се најде начин како да се легализираат и тоа ќе го правиме заедно со инспекториските служби и Министерството за транспорт и врски за да може ова да се стави во некаков ред“, нагласи Јованоски.

 

Јованоски рече се надевал дека наредната година ќе биде завршен стадионот, доколку се одело според планот, но сепак тоа најмногу зависело колку време ќе му треба на ИЗИС да го сработи проектот за статиката.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien