ВИДЕО – ВМРО-ДПМНЕ : Филипче имаше прилика да се запознае со нашите проекти кои ги реализиравме во прилепската болница

Вчера Министерот за здравство Венко Филипче и раководството на општата болница „Борка Талески“ Прилеп и јавно признаа со какви проблеми се соочува здравствениот систем во Прилеп. Истакнаа на денешната прес конференција од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

 

 

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Ништо ново и ништо непознато кога се во прашање овие луѓе! Наместо да се зафатат со конкретно решавање на работите и обезбедување на квалитетна здравствена заштита за повеќе од 100.000 граѓани од Прилеп и околните населени места, овие луѓе постојано го повторуваат истото.

 

Недостасува ова, недостасува она, треба да се направи ова, треба да се направи она, а од реализирање на сето тоа, далечината е цели светлосни години, барем кога се во прашање овие луѓе. Нема 100.000 плата за докторите, нема вработување на нови доктори, здравствениот систем тоне, пациентите имаат се полоши услови за лекување.

 

Закочен е и проектот со реновирање на амбулантниот дел на болницата, проект кој беше готов и подготвен од претходното раководство. Кога веќе беше тука, Филипче имаше прилика да се запознае со проектите кои ги реализираше министерот Тодоров и владата на ВМРО-ДПМНЕ.

 

За потсетување во наше време беа вложени околу 30 милиони денари во набавка на нова опрема, вклучувајќи четири ехо доплер апарати во одделенијата на рентген, интерно и урологија, оперативен стол со сателит светло, ехо апарат за операционата сала на гинекологија, пет пациент монитори, апарат за анестезија, дигитален мамограф и друго.

 

Оваа установа доби и комплетно нов возен парк со нови санитетски возила за службите на итната медицинска помош и домашно лекување. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ исто така комплетно ги реновираше сите болнички одделенија и операционите сали во болницата. Наместо овие проекти да продолжат, а граѓаните да добијат уште подобри услуги, во само една година работите вртоглаво се променија.

 

Кога СДСМ и министерот Филипче се во прашање, има време за делење тендери во четири очи, има време за вработување на партиски послушници, има време за се, освен за граѓаните и нивните потреби.

 

Овие луѓе се изгубени во просторот и времето. А што да се очекува од луѓе кои по пат на сила се дојдени на власт?

 

Токму затоа, ден поскоро, оваа расипничка власт треба да си замине, а граѓаните да го добијат она што го заслужуваат!“, изјави Влатко Петкоски, портпарол на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien