ВИДЕО – Во подрумот на црквата Параклис во Прилеп има гробница на неколку илјади српски војници

Можеби ретко кој знае дека во подрумот на прилепската црква „Свети Кирил и Методиј“ или кај народот позната како Параклис се наоѓа гробница каде се погребани неколку илјади српски војници кои се бореле во Првата светска војна на овие простори. Бројот на загинатите војници не се знае. Осумте крипти каде се наоѓаат коските никогаш не биле отворени. Отец Веле Спиркоски, старешина на овој храм, вели дека овој дел на црквата е направен за време на кралството на СХС кога се практикувало да се прават т.н. спомен цркви или цркви споменици, каде со достоинствен спомен се одбележувале оние кои загинале за слободата на државата.

 

 

„Тука имаме крипти каде што не се знае на колку војници им се собрани коските тука. Едни податоци велат дека тука има 3.000 војници, други дека се 4.500, а трети пак дека се 6.000. Но некои податоци кои ги поседувам говорат дека капацитетот на криптите е околу 4.500. И тука почиваат сите оние кои починале од српската војска, има луѓе и од Македонија кои биле мобилизирани од српската војска, што војувале на тие фронтови кои биле во близината на Прилеп. Затоа ние гледаме секоја година достоинствено да ги испочитуваме, да се помолиме за оние кои ја пролеале својата крв за слободата која денес ја живееме. И секоја година правиме панихида и се молиме за покој на нивните души“, изјави отец Веле Спиркоски, старешина на црквата „Свети Кирил и Методиј“.

 

Како црква имале аплицирано и со проект до Министерството за култура за да може да се уреди овој дел на црквата и да се отворат криптите за да се комплетираат сите документи и податоци за монографијата што сакале да ја издадат како храм. Инаку Црквата „Свети Кирил и Методиј“ е градена во периодот од 1926 до 1936 година, во непосредна близина на стариот параклис, кој бил изграден во 1884 година.

 

„Имаме аплицирано до Министерството за култура, дај Боже да се изнајде начин, да се помогне некако. Апелираме и до сите добронамерни луѓе доколку можат да донираат за да се уреди и овој дел од како што ja викаме долната црква. За да може тука да се започне редовен, литургиски, богослужбен живот, каде што ќе се молиме постојано и каде што се служи литургијата таму е Христос и соборноста на цел православен свет“, додаде Спиркоски.

 

Црквата беше посетена и од 15 припадници на српското здружение „Пријатели 72 Специјална Бригада“, во рамките на проектот „По патеките на Солунците“, а по повод 100 години од пробивот на Солунскиот фронт. Припадниците на ова здружение со велосипеди тргнаа од Солун по патеките каде се движеле српските војници. Оваа посета на костурницата е дел од маршрутата за возење велосипеди од Солун, преку Воден, па на Кајмакчалан, Меџитлија, Бач, Скочивир, Битола, Прилеп, Штип, Куманово, Врање, Ниш, Параќин, Белград и посета на 12 спомен-обележја на српски војници што загинале во оваа војна.

 

„Планиравме за 10 дена, започнувајќи од 14 септември, кога започнале борбите за пробивање на солунскиот фронт, да ја поминеме турата од Солун до Белград која е долга околу 1.000 км. На тој пат поминуваме голем број спомен обележја и гробови. На некои гробови и лично работевме, уредувајќи ги и поставувајќи табли со натписи за да може во иднина кога ќе ги посетат туристите да знаат за што се работи. Вчера бевме на гробиштата во селата Бач, Скочивир и Добровени. Денеска бевме во Битола каде ги посетивме фрабцуските и српските гробишта, а исто така денеска сме и тука во оваа костурница која е најголема костурница на српски војници после Зејтилник кај Солун каде се погребани 7.000 војници, а тука според различни податоци почиваат коските на 4.500 до 6.000 српски војници“, рече Миодраг Капур, водач на тимот.

 

Освен оваа костурница и црквата тимот од Србија ги посети и германските гробишта во Прилеп, каде исто така има погребано српски војници. Српските велосипедисти таму се запознаа со историјата на ова место.

 

„Од Солун до денес најтежок пат ни беше оној кога го искачувавме Кајмакчалан, се искачивме за 2 дена на 2.000 метри надморска височина, каде оддадовме почит на поднатите борци на 15 септември, кога и започнала артилериската подготовка за пробивање на Солунскиот фронт. Патот не е лесен. Морам да кажам дека и климата во Македонија е топла и малку посува“, Никола Јовиќ, член на српското здружение „Пријатели 72 Специјална Бригада“.

 

„Утре заминуваме за Штип, Куманово, а ќе го поминеме и споменикот Зебрњак, кој е од Балканските војни, но сепак спаѓа во ослободителните војни од 20 век, а потоа преку Врање, Ниш и Парачин ќе заминеме за Белград. Идејата за ова се роди од нас младите, најголем дел од нас се припадници на војската на Република Србија и со овој чин сакавме да оддадеме почит на нашите предци кои ги дале своите животи за да ние сега живееме во слобода“, истакна Иван Бончиќ, член на српското здружение „Пријатели 72 Специјална Бригада“.

 

Од здружението велат дека целта на оваа велосипедска тура било и тоа да населението се запознае со историјата и страдањата кои ги носат војните, но и тоа дека во Првата светска војна имало и специјални воени велосипедски единици.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи