Сириската војска по грешка урна руски авион, Русите го обвинуваат Израел

Русија соопшти дека сириската противвоздушна одбрана ненамерно го урнала рускиот воен авион над Сирија, но за целиот инцидент го обвини Израел и се закани дека „го задржува правото на одмазда“, јавуваат руските агенции.

 

Руското министерство за одбрана претходно соопшти дека руски воен авион Ил-20 со 14 членови на екипажот исчезнал од радарите над Сирија во исто време кога израелски и француски сили извршувале напади врз цели во блискоисточната земја. Потоа јави дека авионот го урнала сириската противвоздушна одбрана, со таканаречен „пријателски оган“.

 

Меѓутоа, руското министерство смета дека за сѐ е одговорен Израел бидејќи за време на инцидентот израелски борбени авиони извршувале воздушни напади врз сириски цели и ѝ дале на Москва само едноминутно предупредување, што не оставило доволно време рускиот авион да се засолни.

 

Министерството ги обвини израелските воени авиони дека намерно создале „опасна ситуација“ над сирискиот град Латакија, во близина на руската воена база Хмејмим каде авионот Ил-20 се спремал да слета.

 

Четиринаесетте руски војници загинале, според руското министерство, поради „неодговорните акции на Израел“. „Тоа воопшто не е во духот на руско-израелското партнерство“, соопшти портпаролот на министерството Игор Конашенков.

 

Тој ги нарече израелските воени акции непријателски и чин на провокација.

 

„Го задржуваме правото како одговор да преземеме пропорционални мерки“, кажа тој.

 

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во телефонски разговор со израелскиот колега Авигдор Либерман по соборувањето на рускиот авион Ил-20 му кажал дека Москва го смета Израел за одговорен за загинувањето на руските пилоти.

 

Тој го пренел официјалниот став на Кремљ дека израелските авиони „намерно го турнале“ рускиот авион на линијата на огнот, како и дека Израел немал причина за воздушен напад врз Латакија.

 

Израел изрази жалење за смртта на екипажот и патниците во рускиот авион, но нагласи дека владата на Башар Асад, “чија војска го собори рускиот авион”, е целосно одговорна за инцидентот.

 

Израелската војска тврди дека силниот сириски противавионски оган, кој немал прецизни цели, предизвикал рускиот авион да биде погоден и соборен.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien