Со дигитална алатка до поголема координација на кризниот менаџмент

Facebook
Twitter
Email
Print

Преку дигитална алатка за просторно прикажување податоци во реално време, македонските институции ќе го унапредуваат менаџирањето со кризи, елементарни непогоди и катастрофи предизвикани од човечки фактор.

 

Веб алатката беше дел од денешната вежба „Сеопфатен одговор – Водно 2018“ што ја организираа Министерството за одбрана на РМ и Инженерскиот корпус на Армијата на САД, а за нејзино развивање, како што беше речено, се неопходни многу знаења и ресурси.

 

Алатката треба да ја интензивира соработката, но и координацијата меѓу институциите при справувањето со кризи.

 

„Станува збор за алатка која овозможува брза и ефикасна комуникација и координација меѓу субјектите на системот за управување со кризи, квалитетно и брзо донесување одлуки, како и целосно и транспарентно информирање на јавноста со паралелно подигање на свеста и разбирање на ризиците“, објасни директорот на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку.

 

Ваквата дигитална алатка, напомена Буџаку, е една од најсовремените мерки во кризниот менаџмент.

 

„Имавме две ексклучително тешки кризи во 2015 и 2016 година во тетовскиот и скопскиот регион, со изгубени животи на граѓани, но од тоа извлековме поука, дека една институција колку и да е силна и колку и да има спроведено реформи, мора да остварува поголема соработка“, рече министерот за одбрана Беким Максути кој ги посети учесниците на вежбата.

 

Не само квалитетни подготовки, дополни Максути, туку и сеопфатен одговор е многу битен за успешно справување со какви било непогоди.

 

„Да се биде подготвен за нешто што може да биде најлошиот ден во нашиот живот бара постијана заложба, координација и соработка. Природните катастрофи се непредвидливи и потребни се години на планирање, а вежбите се најдобар начин за да ги дочекате подготвено“, истакна командирот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј.

 

Според него, Американскиот корпус на инженери е веќе 20 години во Македонија, обезбедувајќи експертиза и обуки и координирајќи вежби како денешната.

 

„Вермонт има испратено голем број експерти за управување со вонредни ситуации и по неколку пати годшно за да помогнат во ваквиот тип подготовки. Ова е многу важен дел од нашата соработка со Македонија. Подобрувањето на меѓусекторската соработка ќе биде клучна во следните неколку години како што земјата ќе напредува кон НАТО“, подвлече Креј.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи