ВИДЕО – ВМРО-ДПМНЕ : Јованоски да одговори како се гради во „Три Багреми“, а нема детален урбанистички план

Градежната сезона е при крај, а локалната самоуправа не може да се пофали со ниту еден поголем проект, ама затоа на неколку дена пред референдумот активно работи на бришењето на македонскиот народ и историја. Истакнаа на денешната прес конференција од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Пред само неколку дена на терен се започнати градежни активности во населбата Тризла на местото наречено Три багреми. Заради тоа бараме градоначалникот Јованоски да објасни за какви градежни активности станува збор и дали има основен проект за истите? План, програма и одобрение за градба, или повторно ги заобиколувате законите?

 

Исто така прашуваме на кој начин е изградена нисконапонската мрежа во местото Три багреми, а сите знаеме дека тој дел од населба Тризла се уште нема детален урбанистички план.

 

Господине Јованоски и сите во Секторот за урбанизам и градежништво при Општина Прилеп, кој дал налог на фирмата изведувач да работи на терен? Односно ако е даден налог за работа, кој одлучивте да го потпише и го жртвувате да одговара за сторено кривично дело? Дали градоначалникот или некој во Општината може да се осмели да даде одобрение за градење, онаму каде што нема услови?

 

Одговорите на овие прашања треба да ги знае целата прилепска јавност, затоа што одговорност мора да има! Одговорност ќе има за тој што во случајов ги прекршува законите… Да ве потсетиме, дека во населба Тризла, местото Три багреми нема ни детален урбанистички план, ниту генерален урбанистички план. Иако Илија Јованоски со своето доаѓање на градоначалничката функција вети дека ќе има целосна урбанизација на оваа населба, чесно е да признае дека деталниот план не е ни започнат да се прави.

 

Треба да одговорите, дали граѓаните од населба Тризла ќе имаат проблем со напојувањето на струја точно за време на грејната сезона? Дали ако не дај Боже се случи некаква хаварија, овој проект кој е дива градба, ќе го третирате како дива градба и за тоа ќе ги обвините самите жители на оваа населба?

 

Дали и како Општината спроведува проекти кои не се поддржани со соодветна документација? Или решени сте сето ова да го прескокнете, свесно и да направите кривични дела за кои следува затворска казна, само да успеете во уцената да ги натерате луѓето да излезат да го поддржат договорот за промена на името Македонија?

 

ВМРО-ДПМНЕ апелира до надлежните институции и инспекции да утврдат дали Општина Прилеп ги почитува законите и процедурите?“, истакнаа од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien