ВИДЕО – „Женско царство“ – најновата премиера на училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“

Училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“ во вторник ќе ја има својата најнова премиера насловена како „Женско царство“. Во претставата станува збор за промена на улогите на половите. Повеќе околу оваа претстава и за идните активности на Училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“ поразговаравме со Саша Нацевски.

 

 

 

 

 

За што точно се работи во оваа претстава „Женско Царство“ ?

 

На 2 октомври во 20 часот во големата сала на домот за култура „Марко Цепенков“ ја имаме нашата најнова завршна претстава на средна А ии средна Б група при училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“, а тоа е народната комедија на Стефан Лазаров Костов, „Женско царство“. Ова е интересна народна комедија каде под некој религиски сплет на околности двајца светци се кладат дека доколку се променат улогите на половите дека ќе биде поубаво на земјата. Во едно малечко село се прави оваа проба и настанува еден општ хаос, каде жените како што ја добиваат власта така го губат умот. Тука има една интересна љубовна приказна која е погледната од еден поинаков агол. „Женско царство“ е една од нашите поуспешни приказни, ова е наша трета постановка на истиот текст. Всушност првата претстава на училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“ пред околу 11 години беше „Женско царство“. Потоа повторно ја возобновивме со мали измени и адаптации. И сега овој пат ја поставуваме со најнова генерација на актери, со нов концепт, нова сценографија, целосно нова визура и гледање на претставата бидејќи како што минуваат годините така и ние созреваме и го менуваме погледот на светот. Инаку идејата за оваа претстава е да им покажеме на прилепчани дека оваа генерација на актери што допрва треба да дојде и да се покаже на сцената, дека можат да работат претстави од секаков вид и начин на изведба.

 

Оваа претстава ја играте во големата сала на Домот за култура „Марко Цепенков“ очекувате сигурно и повеќе публика за неа ?

 

Се надеваме дека со оглед на атрактивноста на претставата и нејзиниот жанр се надеваме дека ќе имаме и полна сала. И дека нема да биде само еднаш полна салата.  

 

Кои се наредни премиери на училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“ ?

 

Веќе започнуваме со стандардната активност прикажување на завршните претстави. А веќе на 3-ти октомври во 20 часот во киното Мис Стон нашите најмали членови, најмалата група, ја имаат завршната претстава која ја нарековме „Пинг Понг“, кратки сцени за деца. И вреди да се спомене фактот дека сите собрани средства од продажбата на билетите ќе бидат донирани на хуманитарната организација „Лео клуб дрим тим од деца за деца“ за нивните хуманитарни активности. Другиот ден на 4 октомври ја имаме првата реприза на монодрамата „Женска утопија“ во изведба, режија и адаптација на актерката Димитрина Мицкоска. Која што на нашата прилепска премиера наиде на огромен интерес и на позитивни критики и на барање на публиката ние ја поставуваме на 4 октовмри. И таа ќе биде во големата сала, но на камерна сцена, бројот на публика е ограничен на 100 и ќе почне во 20.30 минути.

 

Наредниот месец очекувате и гости од странство, размена на искуства, нешто што го практикувате како училиште веќе подолг период ?

 

На 7 октомври во недела на гости ќе ни дојде Пучкиот театар од општина Херцеговац, Р. Хрватска. Тие ќе ја изведат својата претстава „Куќа за рушење“, тоа е исто така една доста интересна комедија. Исто така покрај претставата ќе оствариме и доста интересни културни соработки. На гости ќе дојде и нивниот градоначалник, кој ќе оствари средба со нашиот градоначалник. Бидејќи благодарение на помошта која ја добивме од нашата локална самоуправа ќе ни пристигнат гостите. Целта ни е малку да се глобализираме и тие соработки што можеме да ги оствариме, барем во нашето поблиско опкружување да ги реализираме, ако сме во можност. Во преговори сме и со еден словачки театар, но за тоа потоа.

 

 

 

Дали може да им ја откриеме на гледачите вашата најнова соработка со Центарот за современа ликовна уметност и Јавен Простор Прилеп и за што станува збор ?

 

Центарот за современа ликовна уметност го организира фестивалот „Со Марко на улица“ кој ќе започне веднаш после празникот „11 Октомври“.

 

Да откриеме кој е пред се Марко ?

 

Марко е Марко Цепенков, целта на организаторите е да им го презентираме Марко Цепенков со сите негови квалитети и квантитети кои ги поседувал на еден поинаков начин. И нашата соработка е резултат на долгогодишното пријателство што го имаме со Центарот за современа ликовна уметност, а тоа е на 11 Октомври на летната сцена во Домот за култура ние повторно репризно ќе ја заиграме „Женско царство“ како дел од целата приказна за тоа народно творештво кое што сака да го презентира Центарот за современа ликовна уметност. Учествуваме и со други активности како логистика, поддршка со осветлување, озвучување итн. А воедно со Центарот за современа ликовна уметност вечерта на 10 октомври, кога се прави импровизираниот напад на Участакот ние подготвуваме еден спектакл заедно со локалната самоуправа. Тоа е една дигитална визуелизација или популарно наречено 3Д мапинг на самиот Участак, кој досега во Прилеп не е виден. И очекуваме прилепчани да видат една поинаква презентација на празникот „11 Октомври“. На самиот Участак ќе бидат направени разни визуелизации преку кои што ќе се покажат разните фази на развојот на Прилеп и самиот ден кога е започната борбата против фашизмот.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien