ВИДЕО – Мицкоски : На СДСМ на 30 септември ќе им се случи народ и ќе видат што значи народ кој не сака да се самоукине

Целата нација мора во 5 до 12 да знае што ни подготвија Заев, Ципрас, Димитров и Коѕијас. Ова се последните обиди на овие измамници, а на 30 септември ќе им се случи народ и ќе видат што значи народ. Истакна вечерва во Прилеп лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на отворањето на новите простории на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

 

 

 

„Ќе почнам од почетокот на договорот. Уште во самата преамбула на ова капитулантско дело, измамата започнува всушност уште во самата преамбула. Се повикуваат на повелбата на ОН. Повелбата на ОН почитувани мои сограѓани, браќа и сестри, подразбира немешање во внатрешните работи во туѓа држава. Промената на уставот, ако претставува немешање во внатрешните работи, тогаш што претставува мешањето во внатрешните работи. Тоа е еклатантен пример како една држава се обидува на бескрупулозен начин да уценува и да наметнува свои ставови, на друга држава. Од самиот почеток, од самата преамбула започнува измамата која што тие им ја приредија на сопствената нација и сопствениот народ“, истакна Миицкоски.

 

Според него со договорот воопшто не биле заштитени националните интереси, туку СДСМ успеале и веќе нашето стекнато право да го продадат.

 

„Одам понатаму. Велат ги заштитивме националните интереси. Еве еден пример зошто не лажат и зошто ја лажат целата македонска јавност. Кај националност договориле Македонци/граѓани на новата држава. Дајте ми друга земја во ЕУ каде што во нација, националност стои Македонец/граѓанин на новата држава, или Холанѓанец/граѓанин на новата држава. Нема да сретнете таков пример. И велат го заштитивме идентитетот. Одам чекор понатаму, на јазикот, кој што е признат ширум целиот свет. На повеќе од 100-тина универзитети ширум целиот свет се изучува македонскиот јазик. Му додадоа фуснота дека бил во групата на словенските јазици. Кажете ми втор пример, на друг словенски јазик, каде што имаме фуснота. И повторно гордо ќе шетаат по овие полупразни плоштади, улици, некаде и празни и ќе ги убедуваат граѓаните кои што на сила таму се приморани да ги слушаат, дека го заштитиле идентитетот. Не само што не го заштитиле, туку и нашето стекнато право успеаа да го продадат. Се убидуваат два пати купена работа да ни ја продадат, почитувани мои сограѓани, браќа и сестри. Лажат, сушат лажат. Тоа е онаа карактерна особина, тоа е тој политички хабитус на политичар губитник, олицетворен во Заев, Спасовски, Димитров и Шекеринска. Тоа е квартетот, запомнете го добро. Тоа е квартетот кој што секогаш ќе биде запишан на темната страна на ова парче земја, Република Македонија. Запомнете го овој кваретет и никогаш да не се заборави“, додаде Мицковски.

 

 

 

 

Мицкоски истакна дека СДСМ бескрупулозно се откажувале од сите предности што генерации политичари Македонци, без разлика дали биле од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ, ги стекнале во изминатите 27 години.

 

„Тоа се резолуцијата од 1993 во ОН, тоа е времената спогодба од 1995, тоа е Хашката пресуда од 2011 година, каде што јасно и гласно стои и е прецизно напишано дека нема држава која што може да го блокира интегрирањето на Република Македонија во меѓународните институции, како што се НАТО и ЕУ. Зошто ова го прават? Во членот 8 од овој капитулантски договор стои дека ќе биде формирана комисија, составена од 7 члена од наша страна и од грчка страна, и замислете тие ќе преговараат за македонската историја, археологија и образование. Секогаш кога нашите експерти ќе застанат во одбрана на македонските национални интереси, грчката влада повторно ќе го примени принципот и правото на вето, ако воопшто добиеме можност да почнеме преговори со ЕУ. И што ќе се промени тогаш во споредба со ова сега? Ќе се промени тоа што ние свесно, самостојно сме се откажале од сите придобивки, кои што ги стекнале генерации македонци годините наназад. Зарем тоа е заштита на идентитетот? Не, почитувани мои сограѓани, тоа претставува последниот крик на политичарот, кој пред години ветуваше се и сешто, само да се дограба до сопствената привилегија, криминалното досие да му биде обелено и неколку десетици украдени крвави милиони да завршат на сметките на семејните фирми. Ова е неговиот последен обид да ја парчосува Македонија. Тоа нема да му го дозволиме, вие нема тоа да му го дозволите“, рече Мицкоски.

 

Мицкоски потсети на ветувањата на Заев од 2016 година за плата од 500 евра, нови 500 километри автопат, подобри болници, услови во образованието, но ништо од тоа не исполниле.

 

„На граѓаните на Република Македонија им ветуваа живот, а што донесоа? Донесоа пекол. Парчосувајќи и продавајќи ја државата на секој чекор во овие една и половина година поминати во фотељите во Владата на Република Македонија. Зад завесата се случува огромна пљачка и криминал на нашата татковина. И тоа нема да им го дозволиме, им доаѓа денот кога за сето тоа ќе ги понесат сметките и ќе одговараат. И ќе одговараат, тоа треба да им биде јасно. И нема да им суди Кацарска. Сакам да ви посакам убав викенд и на 30 септември утрото, кога ќе се разбудите, само послушајте го срцето и правилно ќе постапите, ништо друго не ви треба“, потенцираше Мицкоски.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien