Нови инвестиции во прилепските градинки „Гоце Делчев“ и „Аличаир“

Комплетното реновирање на градинката „Аличаир“, како и инсталирањето нова опрема во кујната во градинката „Гоце Делчев“, беше повод градоначалникот Илија Јованоски, заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски, да ги посетат двете детски градинки.

 

Градоначалникот Јованоски истакна дека исто како и досега, Општина Прилеп и натаму ќе инвестира во подобрување на условите во сите објекти на ЈОУ Детска градинка „Наша иднина“.

 

„Она што го прават вработените во сите детски градинки во Прилеп е за поздравување, затоа што нивната работа е на високо ниво и задоволството кај родителите чии деца престојуваат во градинките, е големо. Сакам да ја истакнам благодарноста за општествената одговорност која ја покажуваат одредени фирми преку донирање средства за градинките, како што се ‘Гентерм’, ‘Микросам’ и Ротари клубот. Нашата соработка со јавната установа ‘Наша иднина’ ќе продолжи и понатаму и Општина Прилеп стои на располагање за сите работи кои им се потребни на прилепските градинки“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.

 

Орце Тодоровски, в.д директор на ЈОУ Детска градинка „Наша иднина“ Прилеп, информираше дека во градинката „Гоце Делчев“ целосно е репарирана кујната, што ќе овозможи припрема на 1.500 оброци дневно, а комплетно е реновирана и градинката „Аличаир“.

 

„Комплетно е сменета целокупната водоводна и електрична инсталација, купени се нови казани за готвење чија вредност е 470.000 денари, а целата инвестиција во градинката ‘Гоце Делчев’ изнесува 690.000 денари. Исто така, после 35 години се инвестира и во градинката ‘Аличаир’, каде е комплетно сменета дограмата и покривот, целосно се уредени дворот и оградата, а извршено е молерисување на оваа, како и на градинката ‘Бончејца’, потенцираше Тодоровски.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien