ВИДЕО – Наскоро треба да започне препокривање на Спомен домот на Блаже Конески

За околу една недела треба да започне препокривање на спомен домот на Блаже Конески кој се наоѓа во неговото родно Небрегово. Подолг период куќата се наоѓаше во незавидна состојба бидејќи поради уништената кровна конструкција внатре течеше вода, а кровот беше покриен со најлони за да се заштити поставката. Спомен домот беше отворен во 2005 година и од тогаш воопшто не е реновиран.

 

 

 

 

„Начинот на препокривање ќе го задржиме истиот каков што беше и до сега, со камени плочи. Тие плочи сега се увезуваат од Грција, за да биде поквалитетно изработено и се надеваме дека со оваа интервенција ние споменикот ќе го заштитиме за многу подолг период за разлика од досегашниот бидејќи и начинот на препокривање ќе биде сосема поинаков од постоечкиот“, изјави Благоја Атанасоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.

 

Оваа реконструкција ќе придонесе и за зголемување на бројот на посетители на Спомен Куќата. Инаку Заводот и Музеј Прилеп има поднесено иницијатива сите училишта во Македонија во своите редовни екскурзии да ја внесат куќата на Блаже Конески.

 

„Спомен куќата на Блаже Конески како и другите спомен куќи и поставките во Прилеп сакаме да влезат во редовна програма на нашите училишта и нашите ученици да бидат поблиску запознаени со нашето културно богатство“, додаде Атанасоски.

 

Доколку се реализира оваа идеја над 300.000 ученици и студенти би го посетиле овој споменн дом со што би станал еден од најпосетуваните музеи во Македонија.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien