ВИДЕО – Сугарески : Наскоро ќе се потпише анекс на договорот за ексресниот пат Прилеп – Градско и ќе се забрза изградбата

Ланската година кога имаше многу мал прогрес на активности на експресниот пат Прилеп-Градско. Наследивме голем број на проблеми, вклучително проблеми поврзани со проектирањето на тунелот, со експропријација, со археолошките наоѓалишта, но во континуирана работа ги надминавме сите проблеми и сега изградбата на овој патен правец е сериозно забрзана. Истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој изврши увид во градежните активности на втората фаза од експресниот пат Прилеп-Градско кај Фаришката клисура.

 

 

„Сакам да потенцирам дека согласно она што значеше препроектирање во моментов се одвива и е во крајна фаза, така што очекуваме во најбрз период да се потпише и анекс на договор, се со цел убрзување на динамиката на прогрес на активности во следниот период. Исто сакам да потенцирам дека паралелно со ова ќе биде изграден и третиот дел од Прилеп до Ленишки мост, а исто така и делот од Беловодица до каменоломот, некаде околу 7 и пол километри. Со тоа сметаме дека во најголема мера ќе го решиме овој проблем и согласно роковите што ги има, некаде околу 2 години, ќе биде комплетно завршен и реконструиран овој исклучително важен експресен пат, кој е премногу важен не само за Прилеп, туку комплетно за пелагонискиот регион“, изјави Сугарески.

 

Сугарески потенцираше дека наскоро ќе се распишел тендер за проектирање на автопатското решение Прилеп – Битола, како експресен пат од Битола до Меџитлија.

 

„Тоа е автопатско решение кое се спрема од Прилеп до Битола и експресниот пат од Битола до Меџитлија, односно до граничниот премин со Грција. На овој начин сметаме дека во овој пелагониски регион, кој има некаде околу 300.000 жители, ќе направиме сериозни, безбедни и брзи патишта, кои што ќе бидат сериозен бенефит за граѓаните на овој регион“, додаде Сугарески.

 

 

Директорот на ЈП за државнии патишта Зоран Китаков рече дека имало одредени пречи за пролонгирање на изградбата како што биле појавувањето на 3 археолошки наоѓалишта на самата траса на патот и нерешените експропријации, кои во соработка со Општина Кавадарци веќе биле надминати.

 

„Но имаше и еден друг проблем, така да кажам, се работи за 11 мостови, дупли. Овој дел од патот ќе биде еден вид автопат во деловите на мостовите, а останатиот дел ќе биде експресен пат. Во даден момент кога ќе се јави потреба, многу лесно може целиот да прерасне во автопат. Но сите тие мостови, немаше за нив геомеханички испитувања и ние кога увидовме дека тоа е нужност и мора да се направи, претпријатието за јавни и државни патишта организираше пролетта извршување на нови геомеханички испитувања, за да можат да се изградат така како што треба. И беа направени преку 80 геомеханички испитувања. Се направи препроектирање на делот од трасата, затоа што немаше потреба за некои работи и во тек е ревизијата во градежен факултет, која што се очекува наредната недела да заврши и со максимално темпо да продолжи градбата на овој пат“, кажа Китанов.

 

 

 

Според Ѓорѓи Соколоски, надзор над делницата Фариш-Дреново, две од археолошките наоѓалишта кои биле откриени на трасата веќе биле решени, а се работело на само уште едно.

 

„ Тие археолошки наоѓалишта фаќаат поголем дел од трасата, а две од нив се решени и остана само уште едно археолошко наоѓалиште каде што во моментот конзерваторскиот центар од Скопје е присутен и врши ископини. Имаше исто така неколку објекти за експропријација кои се решени, па изведувачот го зголеми темпото и работите се одвиваат малку побрзо“, иистакна Соколов.

 

Инаку експресниот пат Прилеп-Градско е во должина од 33 км и неговата изградба е поделена во 3 фази. Првата фаза Градско-Дреново во должина од 16 км, инвестиција од 23 милиони евра. Втора фаза Фариш-Дреново во должина од 10 км, инвестиција од 31,8 милиони евра. И третата фаза од Прилеп до мост на Ленишка река ии изиградба на трета лента на патната делница од с. Беловодица до каменоломот во должина од 7.5 км, инвестиција од 8 милиони евра. Патот според прогнозите треба да биде готов во 2020 или 2021 година.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien