Резултатот од референдумот на насловните страници на светските медиуми

Светските новински агенции во своите утрински извештаи му даваат забележлив простор на вчерашниот референдум во Македонија.

 

Ројтерс под насловот: „Референдумот за името во Македонија не успеа да ја достигне потребната излезност“ ја акцентира изјавата на претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, во која се соопштува дека заради тоа што не е постигнат цензусот од 50% излезност, „на референдумот не е донесена никаква одлука“.

 

Онлајн изданието на германскиот весник „Шпигел“, излезе со наслов: „Пораз што се продава како победа“. Во текстот се пренесува дел од синоќешното излагање на премиерот Заев и се наведува предизвикот пред којшто е исправен – од една страна одзивот е далеку под очекувањата, а од друга две третини од пратениците треба да убеди да гласаат за договорот што беше предмет за изјаснување на референдумот.

 

Германската државна агенција ДПА, објавува дека Договорот од Преспа е се уште актуелен и покрај неуспехот од референдумот. Агенцијата ја пренесува и изјавата на Заев во која рече дека нема намера да поднесе оставка.

 

Британскиот Би-Би-Си својот текст го наслови: „Референдум во Македонија: Гласањето за промена на името не успеа да го достигне потребниот цензус“, додека угледниот Гардијан напиша: „Македонија се соочува со криза откако референдумот за промена на име доживеа мала излезност“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien