Уставни измени или предвремени избори – двете варијанти после референдумот

По референдумот има две опции, како што најави премиерот Зоран Заев, за имплементација на договорот за името со Грција, а упатените не исклучуваат ниту една од нив. Првата е усвојување на уставните измени во Парламентот за што е потребно да гласаат и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а доколку тоа не се случи, втората опција се предвремени парламентарни избори кон крајот на ноември.

 

Усвојување на уставните измени или предвремени избори? И двете сценарија, според упатените, се во игра откако премиерот Зоран Заев по референдумот најави дека ако не се обезбеди потребното мнозинство од 80 пратеници во Собранието за усвојување на уставните измени, тогаш двотретинското мнозинство ќе се обезбедува на предвремени парламентарни избори. Заев денеска порача дека веројатно од утре ќе почнат разговорите со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени и оти се надева дека тие ќе бидат успешни.

 

Тој порача и дека има време за организирање на евентуални предвремени избори кои би се одржале на 25 ноември, како и воспоставување на техничка влада.

 

Мицкоски пак порача дека референдумот бил дебакал и пораз за договорот за името. Според него, референдумот бил битка за Македонија, а не за предвремени парламентарни избори и ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со активностите за обезбедување на подобар живот за граѓаните.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien