ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе се консултира на Извршен, а утре на Централен комитет

На седница на Извршниот комитет вечерва ВМРО-ДПМНЕ ќе ги дефинира следните чекори по неуспехот на референудумот во неделата.
Опозицискиот лидер најави дека по консултациите со пратеничката група и партиските тела, ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе одлука во врска со понудата на Заев за брзи предвремени избори.
Мицкоски веќе ги најави трите услови кои опозицијата ги поставува и без кои смета дека изборите не може да бидат регуларни. ВМРО-ДПМНЕ бара пржинска влада во полн мандат, односно 100 дена пред избори, оставка на јавниот обвинител и избор на нов на предлог на опозицијата и формирање на собраниска комисија за референдумот.
Токму овие услови денеска се очекува да ја добијат поддршката од Извршниот комитет и истите да му бидат предложени на Централниот комитет кој својата седница ја има закажано за утре.
Во меѓувреме и власта и опозицијата демантираат дека воопшто се водат разговори за поддршка на уставните измени. Високи владини функционери во одредени медиуми изнесоа став дека во СДСМ нема расположение да се убедуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за промена на Уставот и дека опцијата за избори е најверојатна.  Истите извори велат дека за најголемата партија во власта условите на ВМРО-ДПМНЕ за избори се неприфатливи поради временските рокови.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien