По катастрофалниот земјотрес и цунами, во Индонезија еруптираше и вулкан

Неколку дена по земјотресот на тој остров и цунамито при што загинаа речиси 1.400 жртви, утрово во 8:47 по локално време еруптираше вулканот Сопутан, кој почна денес да исфрла пепел до 6.000 метри височина.

 

Властите издадоа предупредување дека треба да се избегнува подрачјето во радиус од 4 километри околу вулканот. Предупредување е издадено и за авионските компании. Засега меѓутоа, порачаа властите, не е неопходна евакуација на населението.

 

Сопутан се наоѓа на северот на островот Сулавеси на околу 1000 километри одалеченост од градот Палу,  во централниот дел на Сулавеси, кој беше најтешко погоден од разорниот земјотрес и цунамито пред неколку дена.

 

Островот Сулавеси во петокот го погоди земјотрес со јачина од 7,5 степени и предизвика цунами врз крајбрежниот град Палу. Во земјотресот беа уништени повеќе од 65.000 објекти, а раселени се повеќе од 60.000 луѓе на кои им е неопходна помош. Жителите страдаат од недостиг на вода за пиење, гориво и лекови. Електричните и телекомуникациските мрежи се многу оштетени, а на спасувачите им недостасува опрема за пребарување под урнатините. Се стравува дека под рушевините има и уште жртви.

 

Индонезискиот претседател Јоко Видодо побара итна меѓународна помош, а десетици хуманитарни агенции и невладини организации изразија подготвеност да помогнат. Сепак, помошта е отежната поради пренатрупаниот сообраќај и оштетените аеродроми.

Индонезија има околу 120 вулкани и се наоѓа во таканаречениот Огнен појас во Пацификот, каде има чести земјотреси и голема вулканска активност.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien