„Прилепско поле“: Водата се испушта за да се поправи темелниот испуст, без тоа може да се одземи дозволата за наводнување

Ве информираме дека АД „Водостопанство на РМ“ подружница „Прилепско поле“ Прилеп по завршувањето на сезоната за наводнување 2018 година за кое водокорисниците беа известени преку медиумите, започна со контролирано испуштање на водата од акумулацијата „Прилеп“. Се вели во денешната писмена реакција на „Прилепско поле“ Прилеп која доаѓа по пресот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, на која тие обвинија за последици врз земјоделците и еко системот од овој чекор.

 

Писмената реакција ја пренесуваме во целост.

 

„Истото се спроведува заради реализација на ревидиран проект „Реконструкција на темелен испуст на Брана „Прилеп“ изработен во месец Јули 2017 година. Изведбата на проектот е според задолжувањата од решенијата по спроведениот инспекциски надзор на Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање – Инспекторат за водостопанство, континуирано неколку години наназад, а преставува наша законска обврска според Законот за води, па непостапувањето по истото би значело и евентуално одземање на дозволата за наводнување.

 

Исправноста на темелниот испуст е многу важна и за евентуално контролирано испуштање на водата во случај на елементарни или други непогоди а со цел да се обезбеди доволен простор за апсорбирање на вода при поројни дождови и поплави. Средствата за реализација на овој проект се обезбедени од UNDP во износ од околу 9.000.000,оо денари и се строго наменски за реализација на истиот. Браната и акумулацијата „Прилеп“ се пуштени во употреба во далечната 1967 година и до сега не е вршена реконструкција на темелниот испуст.

 

За целокупната реализација на овој проект преку Дирекцијата на АД „Водостопанство на РМ“ Скопје известени се сите надлежни институции и Министерства како и Концесионерот на рибниот фонд за превземање на соодветни мерки од нивна страна.

 

Реализацијата на овој проект не е на штета на граѓаните на општина Прилеп туку напротив е од голема корист бидејќи станува збор за решавање на долгогодишен проблем со кој се соочувал Водостопанството „Прилепско поле“ и кој заради недостаток на финансиски средства од толкав обем не можело да се реализира.

 

Имајќи ги во предвид хидролошките услови на нашиот реон и досегашно искуство сметаме дека нема да има проблем со собирање на вода во акумулацијата и дека ќе имаме успешна сезона за наводнување 2019 година односно нема простор за грижа на водокорисниците“, велат од „Прилепско поле“.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien