23 години од атентатот врз Глигоров, истрагата се уште трае

Пред 23 години на 3 октомври, со автомобил-бомба, беше извршен атентат врз првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, кој го преживеа со тешки повреди во главата.

 

Нападот беше извршен со автомобил-бомба во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција кон Собранието. Во автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив од повеќе типови, кој бил активиран на дистанца.

 

Во експлозијата загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.

 

Според официјалните полициски информации, во врска со атентатот биле легитимирани 188.250 лица, се извршила контрола на 115.000 моторни возила, биле претресени 18.929 граѓани и 30.850 возила. Во исто време биле прегледани 15.000 објекти и 20.250 различни моторни возила. Беше објавен и фото робот на еден од осомничените но сето тоа не даде резултат.

 

Атентатот се случи еден ден по враќањето на Глигоров од Белград, каде беше на разговори со тогашниот лидер на Србија, Слободан Милошевиќ, и само неколку дена пред ратификацијата на привремената спогодба со Грција.

 

Останува непознато кој стоел зад атентатот. Истражната постапка која се води против непознат сторител се уште е отворена.

 

Претседателот Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien