Ангеловски: Фаворити сме и посакувам да продолжиме со победите

Македонската фудбалска репрезентација е на чекор до целта, а тоа е првото место во групната фаза од Д-дивизијата за што се потребни барем 4 бода од следните две  средби со Лихтенштајн во Скопје и Ерменија на гости.

 

Селекторот Ангеловски го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета за престојните два натпревари, на кои ќе се обиде да ја исполни зацртаната цел. На истиот има три нови имиња.

 

„На списокот нема многу промени, веќе се проверени имиња. На позицијата трет голман се враќа Шишковски, а се враќаат и Адеми и Хасани, со кои се зголемува конкуренцијата во средниот ред“, рече селекторот.

 

Истакна дека се максимално ориентирани на првата средба против Лихтенштајн, а потоа ќе се размислува за Ерменија.

 

 „Сакаме да продолжиме каде што застанавме. Фаворити сме, не бегаме од таа улога. Со максимален пристап да го добиеме првиот меч, па потоа следува Ерменија“, вели Ангеловски.

 

Македонскиот селектор  пред новинарите изјави дека секогаш бара од играчите да го дадат максимумот  но и дека најважен од се е резултатот.

 

„Барам од фудбалерите да бидат уште подобри, но пред сѐ – да ги добиеме овие натпревари. Јас секогаш барам да бидат на максимално издание. Точно е дека вториот дел со Гибралтар не беше на посакувано ниво, не знам дали тоа беше комоција, дали дуелот со Ерменија ни беше во потсвеста, но се согласувам дека не беше тоа посакувано ниво за Македонија“, додава Ангеловски.

 

Средбата со Лихтенштајн се игра на 13-ти Октомври на Филип Втори, додека 3 дена подоцна е гостувањето во Ерменија.  Македонија досега одигра две средби во групата и освои максимални 6 бода во групата во која се уште и Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien