ВИДЕО – Околу 20.000 домашни работници во Македонија не се евидентирани во системот и се дел од сивата економија

Домашните работници не се доволно заштитени според Законот за безбедност и здравје при работа и нивната работа не е доволно прецизирана во Законот за работни односи. Околу 20.000 домашни работници не се евидентирани во системот, а сето тоа влегува во делот на сивата економија. Овие податоци денеска ги истакнаа на прес конференцијата од здружението „Достоинствен работник“, по повод Меѓународниот ден за достоинствена работа 7 октомври.

 

 

 

 

„Домашните работници не се доволно заштитени според Законот за безбедност и здравје при работа, каде што нивната работа не е доволно прецизирана во Законот за работни односи, поточно не е во согласност со Конвенцијата за пристојна работа на домашните работници од страна на Меѓународната организација на трудот. Може да се напомене дека во земјите во развој, околу 4 до 12% од овие работници се неплатени, што значи дека е голем процентот, додека во Република Македонија околу 20.000 домашни работници не се евидентирани во системот, а тоа е се во делот на сивата економија. Тоа значи дека секој оној кој што ангажира домашен работник во својот дом мора да биде евидентиран, дали преку Агенцијата за вработување, или преку агенциите за привремени вработувања, кои водат евиденции на домашните работници, а со тоа да се даде внимание на нивната заштита, т.е. подобрување на нивните работни услови“,истакна Рубин Аризанкоски, секретар на здружението „Достоинствен работник“.

 

Аризанкоски додаде дека тие како здружение и здружението „Гласен текстилец“ ќе се застапуваат за овие работници да бидат евидентирани и заштитени, во согласност на законските регулативи во Република Македонија.

 

„А со тоа да им дадеме и достоинствен живот, а фактички и приходот кој што го заработуваат, кој што исплаќаат како дневница кој во Република Македонија се движи од 800 до 1.500 денари дневно. Значи овие работници мора да бидат евидентирани, а со тоа влегуваат во системот заедно со останатите работници од другите сектори, кои што се дел во согласност со Законот за работни односи и во согласност со Законот за безбедност и здравје при работа. Можеме да напоменеме дека најголем број од работниците кои што извршуваат домашна работа се бебиситери, земјоделски работници, негуватели на стари лица итн., каде што овие работници не се евидентирани во системот, во согласност со Законот за работни односи и Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Што значи дека овие здруженија Достоинсвен работник и Гласен текстилец, по повод Меѓународниот ден за достоинствена работа, ставаат главен акцент да овие работници бидат дел, заедно со останатите категории на работници, кои што се од другите сектори, поточно да бидат евидентирани од страна на Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд, кои што се главни носители на Законот за работни односи. Законот за работни односи оваа година има измени и дополнувања, но сепак и во тие измени, видовме дека дел од домашните работници не се ставени и регулирани со овој закон. Така да Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд, мора под итно, овој закон додека не е пуштен во собраниска процедура, да се измени и дополни за да и другите работници бидат дел од системот“, додаде Аризанкоски.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien