Започна разгледувањето на разликите во учебниците по историја

Учебниците по историја за 5-то и 6-то одделение ќе бидат први на ревизија на втората средба на македонско-бугарската експертска комисија, која овој пат се одржува во Скопје. Историчарите од двете земји ќе ги соочат првите забелешки, како и можноста за заедничко чествување на празници и историски личности.

 

Претставникот на македонската експертска група Драган Ѓорѓиев вели дека учебниците прво ќе се разгледуваат хронолошки.

 

Според него, еден од најчувствителните настани што ќе биде ставен на маса е Илинденското востание, а доста проблематичен е и ликот на Цар Самоил. Тој додава дека ќе дискутираат и за најспорните моменти во учебниците кои се користат во Бугарија по историја, а тоа е претставувањето на Македонија како бугарска земја.

 

Јавноста ќе знае повеќе детали откако комисиите ќе достават заедничко соопштение за средбите кои се одржуваат во Клубот на пратеници.

 

На првата средба која пред три месеци се одржа во Софија, беа договорени темите и прашањата кои ќе бидат во фокусот на разговорите. Согласно членот 8 од договорот за добрососедство, до мај идната година комсијата ќе треба да го поднесе и првиот извештај за својата работа пред владите во двете земји.

 

Инаку, Заедничката комисија има 14 члена, седум од македонска страна и исто толку од бугарска страна. Средбата што се одржува е во согласност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien