ВИДЕО – По трет пат стопирана изградбата на дел од експресниот пат Прилеп-Градско поради вредни археолошки наоѓалишта

Поради пронаоѓање на 3 археолошки локалитети привремено е стопирана изградбата на дел од делницата на експресниот пат Прилеп-Градско, во делот помеѓу Фариш и Дреново, во близина на селото Раец. На местото викано „Кршла“ е пронајдена некропола кога градежниците ја граделе последната стопа од еден од мостовите. На локалитетот сега работи Националниот конзерваторски центар и според првичните согледувања се претпоставува дека станува збор за повеќе слојна некрополата со различни начини на погребување која датира од различни периоди.

 

 

„На самата површина каде што се пронајдени овие вкопувања со јама, значи со кремација, можеме да констатираме дека за разлика од стелата која ја датираме некаде 3 или 4 век од наша ера, може да се работи за нешто поран период, околу 2 век од нашата ера. И кога ќе дојдеме до оној слој каде во профил ги видовме оние гробови кои што се од типот на инхумација, кои што веројатно според длабочината се уште постари, тогаш ќе можеме да имаме една целосна слика за начинот на погребување и најраниот можен датум за датирање на оваа некропола“, истакна Миле Велчески, раководител на проектот.

 

Во еден дел од локалитетот е пронајдена и структура од голема концентрација на камења како и повеќе предмети кои што давале индиции дека станува збор за некаков објект, но тоа допрва требало да се утврди. Инаку теренот кај другите два археолошки локалитети веќе бил исчистен и изградбата на патот таму се интензивирала.

 

„Едното наоѓалиште беше веднаш зад кривината во должина од 800 метри. Археолозите доаѓаа таму инспекциски, како изведувачот вршеше симнување на слоевите од земја во тенки слоеви археолозите беа присутни и евидентираа фрагменти од слоевиите кои излегуваа“, рече Ѓорѓи Соколоски, надзор на делницата Фариш Дреново.

 

Според законот кога се работи за некропола таа се истражува, предметите кои се пронаоѓаат се подигнуваат и местото се ослободува за градежните дејности. Националниот конзерваторски центар има дозвола да истражува и остане на овој локалитет до 22 октомври.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien