Се изработи копија на Орденот кој што Тито му го додели на Прилеп, за прв пат Прилеп и Куманово заедно ќе го слават 11 Октомври

За прв пат во историјата оваа година Прилеп и Куманово заедно ќе ја одбележат 77 годишнината од подигнувањето на востанието против фашистичкиот окупатор на 11 октомври 1941 година. Делегации од двете општини ќе учествуваат на чествувањето во двата града. По повод празникот Општина Прилеп во соработка со Заводот и музеј од Прилеп направија и реплика на Орденот на народен херој кој што Јосип Броз Тито му го доделил на Прилеп, а во 1993 година Орденот, кој бил златен, мистериозно исчезнува од просториите на тогашната локална самоуправа и до денес не е пронајден.

 

 

„Оваа година славиме 77 години од востанието против фашиситичкиот окупатор ии го одбележуваме овој национален празник. И тоа за прв пат во историјата ќе го правиме Општина Прилеп и Општина Куманово. Општина Прилеп во соработка со голем број на спортски и културни здруженија, Центарот за култура „Марко Цепенков“, Центарот за современа ликовна уметност и Заводот и музеј Прилеп ќе понуди вистинска богата програма за овие неколку дена. Одбележувањето на празникот започна вчера, а ќе трае до 14 октомври со одбележување на голем број, културни, забавни и спортски настани во текот на овие неколку дена. Центарот за култура ќе биде домаќин на низа културни настани, театарски претстави и изложби. Центарот за современа ликовна уметност за прв пат оваа година ќе го организира фестивалот „Со Марко на улица“. За нас најважно и најбитно е секако тоа што конечно во Општина Прилеп и меморијалниот музеј „11 Октомври“ ќе биде поставена репликата на „Орденот за народен херој“ за град Прилеп. Орденот што го има добиено Општина Прилеп на 7 мај 1975 година од страна на Маршалот Јосип Броз Тито е гордост за нашиот град и треба да се сеќаваме и да му оддадеме признание на сите оние борци кои загинаа во НОВ за да го добиеме овој орден. Атрибутот кој го носи Прилеп, Прилеп Град херој, е токму за ова прилика. Орденот после осамостојувањето на Македонија е изгубен во лавиринтите во старата општинска зграда. За жал не е пронајдено како е изгубен овој орден и органите на прогонот се немаат изјаснето до каде е постапката. Со директорот на Заводот и музеј Прилеп, Благоја Атанасоски, се заложивме да направиме реплика на Орденот“, истакна градоначалникот Илија Јованоски.

 

 

Од Орденот ќе бидат направени 2 копии едната ќе стои во просториите на Општина Прилеп, а другата ќе биде поставена во меморијалниот музеј „11 Октомври“ или Участакот, местото каде пукнала првата пушка против фашистите со убивањето на стражарот на бугарскиот затвор.

 

„Нашата институција секоја година е директно поврзана со прославата на празникот 11 октомври. Прилеп е еден од 8-теб градови во Југославија одликуван со Орденот Град Херој. Тој Орден стоел 20-тина години во просториите на тогашната локална самоуправа. Во 1993 година исчезнува од општината. Не знаеме дали тоа е направено од некои идеолошки причини или материјални, бидејќи орденот бил златен. Така што превзедовме една иницијатива да направиме копија на орденот. Се направија два примероци, еден ќе биде поставен во просторииите на локалната самоуправа, а другиот во историската поставка која се најдува во Участакот. Тој Орден ќе заземи место како што заслужува и исто така ние се потрудивме да направиме реплика на Орденот на мермерна плоча во рељеф кој ќе биде изложен тука во локалната самоуправа. А потоа може да се донесе и одлука на Совет за да истиот биде поставен во близина на локалната самоуправа“, рече Благоја Атанасоски, директор на Заводот и музеј Прилеп.

 

 

За 11 Октомври Општина Прилеп ќе има и богата културно забавна програма со концерти, изложби, театарски претстави, а вистински спектакл се очекува да се случи од 11 до 13 октомври кога за прв пат ќе се одржи фестивалот „Со Марко на улица“ кој ќе има бројни културни содржини.

 

„Во рамки на програмата за одбележување на 11 Октомври, како што спомна и градоначалникот, учество ќе земат и Центарот за култура Марко Цепенков и театарот Војдан Чернодрински, и тоа со содржини, активности кои всушност се дел од нашите редовни програмски активности. На овој начин ние се приклучуваме кон другите институции и установи кои што го одбележуваат овој значаен датум од македонската историја, вооруженото востание на Македонскиот народ. Во намерата да се реализира и збогати програмата, Центарот за култура ќе понуди бројни актуивности од различни области, за различни вкусови и тоа содржини од театарската уметност, ликовната уметност, музичката уметност. Започнуваме на 9 октомври, во ликовниот салон, т.е. фоајето на Центарот за култура, со почеток во 19 часот ќе има концерт на Аделибитум Трио. Понатаму за љубителите на театарската уметност, час подоцна, во 20 часот на сцената од театарот Војдан Чернодрински, премиерно ќе биде изведена преставата Казимир и Каролина, од Еден вон Хорват, а во режија на Нела Витошевиќ. Веќе следниот ден, на 10 октомври, во 18 часот, или во предвечерието на празникот, во ликовната галерија ќе биде отворена изложба насловена како „Не-дефиниран урбанизам“, на Катерина Деспот и Васка Сандева. На 12 октомври, исто така во ликовниот салон при Центарот за култура ќе се одржи концерт на пиано од Бобан Рајчиноски и почетокот на овој концерт е во 19 часот“, истакна Менче Караџоска, директор на Центарот за култура Марко Цепенков.

 

Основната идеја пак на фестивалот „Со Марко на улица“ е реактуелизацијата на културното и народното наследство, односно секоја година ќе се бира по еден лик или дело од нашиот регион, за кој што ќе се смета дека има потреба да се реактуелизираме и користејќи современи уметнички техники, современа технологија, тие дела и настани да се престават како урбани херои, кои можат повторно да бидат дел од секојдневното живеење на многу урбан начин.

 

„Оваа година изборот на Марко Цепенков како тематска единица на фестивалот се наметна како многу очигледна. Зошто е Марко Цепенков заслужен сите знаеме, но формата на која што Марко Цепенков е претставуван помеѓу младите луѓе, во учебниците, во народните приказни е премногу архаична и неатрактивна. Значи ние решивме да го претставиме тоа како процес на таканаречена урбанизација, дека ликот на Марко повторно може да биде атрактивен. Тоа ќе го постигнеме со многу тематски содржини, кои ќе ги претставиме во текот на тие три дена. Сите содржини и сите рекламни, промотивни материјали кои граѓаните ќе можат да ги купат и посетат се сработени врз основа на шесте прототипи на Марко Цепенков, кои што ги изработивме. Како што можете да видите тука има Марко Цепенков кој што е диџеј, кој што е театарски работник, кој што е ликовен уметник, кој што е режисер, и студијата во текот на фестивалот ќе бидат претставени како работилници. Плакатот ги претставува тематските соби на фестивалот и секој одделен настан, согласно содржината и собата ќе има свој плакат во текот на фестивалот и сите ликови кои ги видовте, имаме сериозни сигнали дека сме постигнале и сме направиле многу сериозна работа со визуелизацијата, ќе се најдат на многу производи. Приврзоци, беџови, обетки и сето тоа ќе биде изработено од смола, нема да бидат изработени од пластика. Ќе имаме беџови, налепници, стикери, маици, торби, цела палета на прозиводи со шесте ликови на Марко Цепенков. Сите рекламни материјали и плакати ќе го содржат и нашиот QR код, така да програмата ќе може да се повлече како апликација во телефонот. Само накратко на тематските содржини, ќе ги споменам тие што сметам дека се најатрактивни. Официјалното отворање на фестивалот е во четврток во 19 и 45 часот, пред Домот за култура Марко Цепенков. Ќе отвориме со многу интересна огнена престава, значи преставата ќе биде комбинација од престава и перформанс со оган. Потоа ќе следат многу тематски содржини од кои најинтересни, најатрактивни, кои комплетнo ќе се занимаваат со реактуелизацијата со ликот на Марко Цепенков се 3Д визуелизациите, кои што ќе ги промовираме навечер, работилниците за деца, сликањето на ѕидни површини, слем вечерта и сите овие тематски содржини кои што ги нагласувам, во целост се инспирирани од ликот и делото на Марко Цепенков. Значи тие три дена Марко Цепенков, можеби не на очигледен начин, но ќе биде присутен насекаде низ градот“, рече Звонко Димоски, од Центарот за современа ликовна уметност.

 

 

Исто така се предвидени и многу други придружни активности за време на фестиивалот. Секој ден ќе има кратки кино сеанси, во соработка со два важни фестивали во државата, Winter Apricots и Македокс од Скопје. Ќе има дневни концерти, секој ден ќе се започнуваме со рекреација, односно граѓаните ќе може да вежбаат зумба или да скокаат на канго, ќе има дневни концерти на неочигледна класична музика и тука ќе се направи реактуелизација. Секако ќе има и храна, делумно инспирирана од периодот во кој творел Марко Цепенков. Секоја вечер ќе завршува со многу атрактивен концерт на голема ѕвезда, тоа се Chromatic poiit, Каин и Room 313.

 

„И можеби една од поинтересните содржини која што заборавив да ја споменам, тоа е дневното студио за боди-пејнтинг, кое ќе трае цел ден и ќе заврши со една затворена клубска забава, со музички проект кој се спрема за фестивалот. Колку е сериозно сработен фестивалот можеби говори тоа дека најголем дел од работите за кои што зборувам се претходно договорени со сите артисти, односно се еден вид на нарачка. Значи фестивалот се работи наменски и веќе долго време. Идејата е секоја година фестивалот да постои и секоја година да имаме еден нов лик или дело“, додаде Димоски.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien