ОО СДСМ Прилеп – Народот кажа големо ЗА влез во НАТО и ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ е заглавена во криминалната матрица

Нервозните реакции на раководството на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека опозициската партија се’ уште е заглавена во поразената криминална матрица на Никола Груевски и барањето за амнестија на криминалот. Велат во денешната писмена реакција од ОО СДСМ Прилеп, која доаѓа по прес конференцијата на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп на која тие обвинија дека само во Прилеп, СДСМ на референдумот изгубил над 3.000 гласови, споредено со локалните избори.

 

Реакцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Фокусирани на барање амнестија, Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ целосно го загубија правецот на делување и омаловажија над 660 илјади граѓани, прогласувајќи ги за нерелевантни.

 

Од граѓаните кои гласаа, повеќе од 90% избраа „ЗА“ и порачаа дека Република Македонија треба да го прифати договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ.

 

Европска Македонија доби повеќе гласови ЗА од кој било победник на кои било парламентарни избори во историјата на независна Македонија.

 

Дури и ако имаше цензус, дури и ако имаше 1,1 милион излезени гласачи, овој резултат од повеќе од 600.000 граѓани кои гласале ЗА, ќе значеше јасна одлука на граѓаните и јасна определба ЗА европска Македонија.

 

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори на едно единствено прашање: Дали се за ЕУ ​​и НАТО или против? За таква одлука станува збор.

 

Ако оваа партија не знае каде тера, нема да дозволиме и Македонија да влезе во слепа улица. Народот направи многу важен избор. Граѓаните кажаа големо ЗА со кое поддржаа едно прашање, една визија, и една цел за иднината за нашата земја во НАТО и ЕУ. Мицкоски останува сам во одбраната на криминалот на Груевски.

 

Ако раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски по секоја цена се обидат да ја блокираат иднината на Македонија, тогаш единствен излез се предвремени парламентарни избори, организирани веднаш. Од волјата на граѓаните не може да се избега“, велат од ОО СДСМ Прилеп.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien