ВИДЕО – Во последните 3 години драстично е намалено производството на мед во Македонија

Производството на мед во Македонија во последните 3 години е неколку кратно намалено. Ако порано просек од едно пчелно семејство годишно се ваделе од 10 до 20 килограми на мед, од пчеларското здружение „Братство“ од Прилеп велат дека сега тој просек бил паднат на само 2 килограми. Најголем виновник за ова биле климатски промени.

 

 

 

 

„Изминативе години, од причина на климатските промени, имаме проблеми и со производството на мед и со опстанокот на пчелите. Ланската година беше сушна, имаше мразеви, сега оваа година пак само што започна вегетацијата на оние билки кои мират, започнаа дождови, се задржаа многу долго и имаше премногу влажно време, врнежливо и со приноси сме многу слаби, поготово планинскиот мед и да го нема оваа година. Нешто во ливадите дадоа, меѓутоа многу слабо за да се каже дека е добро, далеку под просекот. Поради овие климатски промени се соочуваме и со доста болести кај пчелите. Сите болести се развиваат каде што има претежно поголема влажност. Оваа година беше така и не само што имаме слаби приноси, веќе се развиваат и болести со кои е малку и потешко да се справиме. За разлика од минатите години, ако бил просекот 10-тина килограми, оваа година е некаде и помалку од 2 килограми мед просек од пчелно семејство годишно“, вели Дејан Бошкоски, претседател на пчеларско здружение „Братство“ – Прилеп.

 

„ Пред 10-15 години сум имал просек 20-30 килограми, сега во последно време повеќе од 10 килограми не можеме да надминиме. Лани беше суша, оваа година многу дождови, го миеше цветот и пчелите не можеа да го соберат тоа што треба да го соберат. Ако не се третираат навреме пчелите со појавата на овие крлежи и со болеста варово легло, крешно легло, се намалува нивниот број“, кажа Ацо Спиркоски, пчелар од Прилеп.

 

 

Освен намалувањето на производството на мед, поради климатските промени рапидидно опаѓал и бројот на пчелни семејства коии угинувале порадии болести. Пчеларите бараат итно превземање на некакави мерки од страна на државата како помош за нив оваа ситуација, затоа што нивниот профит сега бил далеку помал.

 

„Јас сум по потекло од Мариово, Витолиште. Кога НАТО бомбардираше во Србија, од таа година се наназад оди со пчелните прозводи. Секоја година се помалку и помалку и така стагнира. Можеби 50% годишно се намалува производството, на пола оди со производството на пчелните производи. Само од пчели не може да опстани човек. Наназад еве 3-4 години се стагнира, нема напредок. Ако човек остани само со производство на пчели, да опстани не може. Порано други беа условите, а и климата одговараше“, рече Дано Даркоски, пчелар од с. Витолиште.

 

„Пред две три години беше подобро, имаше развој на пчелите, сега нема развој, 3 години нема развој. Не се развиваат пчелите, губат и не напредуваат, тука е проблемот, нема напредок. Едно мед не носат, друго не создаваат друштво и така друштвото губи, нема развој. Пчелите се трошат, а нема развој, не се зголемува бројот и тука е проблемот, пчелите губат“,  изјави Стојо Ушкоски, пчелар од Прилеп.

 

Освен со намаленото производство пчеларите се соочувале и со намалениот пласман на домашнито пазар, затоа што Македонците биле скоро на дното во Европа по конзумација на плелните производи.

 

„Ние ова го правиме, бидејќи гледаме дека кај нас во просек потрошувачката на мед е многу мала. Имаме податоци, околу половина килограм годишно по жител во просек во Македонија се троши. Јас лично најдов податоци за поразвиените земји, дури и по 10 или 15 килограми годишно по жител трошат. Кај нас бараат мед за лек, а медот е храна. Климатските промени многу се чуствуваат, дали тоа од вештачки или природни промени, тоа нас не не интересира, главно производството на мед е многу намалено. Во просек од кошница сега се вади некаде околу 2 килограми мед, а порано се вадело, постарите пчелари кажуваат и по 50 килограми од кошница, така да тоа е една огромна разлика. Зборувам за пчелари кои ги одгледуваат пчелите на вистински, природен начин, не користат додатоци на храна итн“, вели Звонко Петроски, секретар на здружениеито „Братство“ од Прилеп.

 

 

Инаку по 9-ти пат и оваа година во организација на пчеларското здружение Братство од Прилеп, во заедничка соработка со локална самоуправа  и со Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство се организира манифестацијата фестивал на медот – „Медот и пчелните прозиводи – инвестиција во вашето здравје“. Свое учество ќе земат повеќе пчелари од Прилеп и Македонија на околу 20 – тина штандови. Во наредните денови ќе има и штандови со пчеларска опрема и прибор.

 

Пчеларите велат дека цената на тегла мед  ќе била со промотивна цена, околу 400 денари, меѓутоа целта не било само да се продаде, туку целта на самото пчеларско здружение била на оваа манифестација да се промовираат пчелните производи, да им се укаже на потрошувачите, на граѓаните за хранливите вредности, не само на медот, туку и на другите пчелни производи.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien