ВИДЕО – Јованоски и Димитриески : Македонија да стане стабилна европска држава, каде ќе има достоинствен живот

За прв пат во историјата вечерва Прилеп и Куманово, градовите каде пукнала првата пушка, заеднички го одбележуваат антифастичкото востание. Вечерва свежо цвеќе беше положено пред бистата на Јосип Броз Тито која се наоѓа во Участакот, местото од каде што започнало востанието. Денеска до бистата се постави и репликата од орденот „Народен херој“ кој Тито му го додели на Прилеп, а кој беше мистериозно исчезнат во 1994 година.

 

 

„Нашите храбри борци во Прилеп и Куманово, во Прилеп токму во оваа зграда, во Участакот кој што тогаш бил полициска станица, нашите храбри борци дојдоа тука и ја испукаа првата пушка. Втората група во затворот во Прилеп, а третата ги пресече телеграфско-телефонските жици во тој дел на градот. Тоа беше почетокот на борбата, на народноослободителната борба на нашите граѓани, на нашите храбри борци коишто четири години се бореа против непријателот и успеаја да се ослободиме после четири години. Вложија голем труд, вложија голем напор и големи човечки животи. 650 храбри борци загинаа во Прилеп и околината, од кои 10 народни херои“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Јованоски рече дека ние како генерација секогаш ќе ги почитуваме вистинските борци за ова што го направиле и го дале својот живот за Република Македонија и за граѓаните на Прилеп.

 

„Во таа чест Јосип Броз Тито, маршалот на Југославија, на 7 мај 1975 година на Прилеп градот херој му додели орден за „Град херој“, еден од 8-те градови во државата, во Југославија, за она што го направија борците, за она што го направија храбрите граѓани во тој период. Ние продолживме по нивните стапки, ние продолживме по нивните соништа да направиме една независна држава, една држава каде што граѓаните ќе имаат свое достоинство, ќе имаат напредок и просперитет. Тоа ќе го правиме и во иднина, тоа нашите граѓани го сакаат. Сите сакаме просперитетна Република Македонија, да оди во евроатланските интеграции. Тоа го сакаме сите ние, а знаеме дека патот е тежок, патот е долг, ама тој пат сите заедно ќе го изодиме и знаеме дека на крајот на тој пат не чека светла иднина“, додаде Јованоски.

 

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриески, рече дека благодарение на тие генерации луѓе, денеска живееме на ова парче земја, која што сите ние ја сакаме и веруваме во нејзината иднина.

 

„Затоа истите тие не обврзуваат таму каде што тие застанаа, да продолжиме сите ние заедно. Нашите предци не обврзуваат да денеска почитувајќи го минатото и историјата, следејќи ја нашата Македонија низ формата на една Вардарска, Социјалистичка, Република денеска Македонија, продолжиме на патот кон европеизацијата на Република Македонија. Една стабилна држава вредна за достоинствен живот на секој нејзин граѓанин“, истакна Димитриески.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien