ВИДЕО – Откриена репликата од Орденот „Народен Херој“ кој Тито му го додели на Прилеп

Во Општина Прилеп денеска свечено беше откриена релјефната мермерна плоча на која е претставен Орденот за народен херој кој Јосип Броз Тито му го додели на Прилеп, а кој Орден мистериозно исчезна од просториите на Општина Прилеп во 1994 година и до денес не е пронајден. Копија од Орденот беше направена и во својaта оригинална големина која  ќе биде поставена во музејот „11 Октомври“.

 

 

 

„Оваа симболика што ја доби Прилеп, со заслуга и со право ја доби. На 7 мај 1975 година, тогашниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито ја додели оваа престижна награда, орден, што ја добија 7 градови во тогашна Југославија. Посебно чест беше за Прилеп, затоа што Прилеп направи многу нешта, ја почна народноослободителната борба 1941 година. Прилеп учествуваше во 4 годишната борба и во ослободувањето на Прилеп и околината даде 650 храбри борци кои загинаа и 10 народни херои. Тој атрибут Прилеп што го доби како град на пркосот и град на непокорот остана и понатаму, ние сме сведоци и со право му беше доделен овој орден „Град херој“ во тогашна Југославија. Сите треба да бидеме задоволни и горди со ова што го имаме, затоа што и после ослободувањето Прилеп даде свои дејци во општествено-политичкиот живот, културниот, економскиот, во технолошкиот развој на државата. Сега сме сведоци дека Прилеп и понатаму учествува во целата проблематика што се случува, не само во Прилеп, туку и во Република Македонија и понатаму сме заедно присутни и се ќе правиме за во иднина, затоа што го знаеме патот, ја знаеме целта и се она што треба да го направиме за Прилеп и Република Македонија да влезат во ЕУ и НАТО“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Прилеп е еден од 8-те градови на ниво на Југославија кој го добил овој Орден. Истиот бил изработен од злато. Сега од него се направени 2 копии.

 

„Едниот примерок ќе биде тука во просториите на локалната самоуправа, другиот во Участакот. Ќе заземе место соодветно до бистата на претседателот Јосип Броз Тито, која морам да кажам во овој момент, кога дојдов јас на оваа функција бистата беше тргната од концепциската поставка на Участакот. Ние направивме напори и бистата сега си го има местото кое и го заслужува во поставката“, истакна Благоја Атанасоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.

 

 

Првиот градоначалник на Прилеп во самостојна Македонија, Илија Димоски, припадник на партијата ВМРО-ДПМНЕ вели дека до неговото насилно сменување од функцијата Орденот бил во изложбените витрини на Општината.

 

„Мојата партија и други нивни коалициони партии упаднаа и просто ја завзедоа општината. Ме разрешија, ја блокираа канцеларија и понатаму не знам што се случуваше. Орденот излезе дека го нема после 10 ипол години. После мене беа Виолета Попоска, Ратко Андреески, Глигор Попоски и на крајот Сашо Пирганоски. Значи во мандатот на Сашо Пирганоски излезе дека орденот го нема“, кажа Илија Димоскии, поранешен градоначалник на Прилеп.

 

 

Над 8.000 прилепчани учествувале во НОБ, 2.700 директно со оружје во рака, 650 загинале. Од 66 народни хеори кои ги има Македонија, 15 се од Прилеп.

 

„Првиот востанички истрел кој што бил испукан тука на 11 октомври пред 77 години не претставува само симболичен чин. Напротив тоа претставува едно автентично сведоштво за определбата на Македонскиот народ да се истрае на балканската ветрометина, а во исто време да се биде на страната на победниците, на страната на анти-фашистичката коалиција од првиот до последниот ден на победата над фашизмот. Со нападот на трите објекти во градот, со нападот над бугарската полициска станица, на затворот и на прекинот на телефонско-телеграфските врски, борците од Прилеп го продолжиле револуционерниот од на Илинденците, а во исто време ги оствариле стремежите на многу генерации низ вековите, изразени преку разни буни и востанија, почнувајќи од првиот Илинден 1903, па преку вториот Илинден или АСНОМ, чии што одлуки и решенија се уставотворни и кои се основа за третиот Илинден, кој се реализира на 8 септември 1991 година, со кој Македонија се стекна со сувереност и независност. Македонија даде многу жртви, Прилеп даде 650 жртви, а од вкупно 66 борци прогласени за народни херои, Прилеп даде 15 народни херои. Од нив 10 загинаа во текот на војната, а 5 преживеаја, а сега нажалост починати се сите. Покрај тоа, Прилеп е поврзан со уште други 4 народни херои, кои што загинуваат на оваа територија. Значи од вкупно 66 борци, 19 борци се дирекно поврзани со Прилеп. За сето она што Прилеп го дал во текот на НОБ, а дал многу, 8.000 прилепчани биле учесници во НОБ. Од нив 2.700 дирекно со оружје во рака. Покрај народните херои и 154 лица се прогласени за носители на партизанска споменица, меѓу кои и 33 жени. Во овој момент сакам да го потенцирам и значењето и улогата на жената борец, која што активно рамо до рамо учествувала како во позадинските задачи, така и во борбените единици на народноослободителната војска на Македонија“, истака Рубин Белчески, историчар.

 

 

На 7 мај 1975 година, претседателот на СФРЈ маршалот Јосип Броз Тито, заедно со уште во тој момент 4 града, Загреб, Нови Сад, Приштина и Цетиње, го дава и го доделува орденот „Народен херој“ на Прилеп. Претходно 1970 година, прв град кој што е одликуван со ова признание е Љубљана, а во 1974 година и градовите Дрвар и Белград. Така секоја една република и покраина на поранешна Југославија има прогласено по еден град  за Народен Херој.

 

„Орденот „Народен херој“ за прв пат е воведен како титула, како звање, кон крајот на 1941 година, од страна на врховниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди на Југославија. Покасно, во август 1943, веќе официјално врховниот штаб го воведува како орден и се доделува за исклучително херојски дела и исклучителни случаеви во војна, а покасно и во мир. Да потенцирам дека во март месец 1942 прогласен е првиот народен херој, борецот Петар Лекович од втората пролетерска бригада и на тој начин е воспоставен овој орден, прво како титула, а потоа како орден. Во периодот од 1941 до 1991 година доделени се 1384 ордени, од кои на 1323 на лица, борци во НОБ, како и на воени единици, градови, општествено политички организации“, додаде Белчески.

 

 

„Јас произлегувам од партизанска фамилија, меѓу најмладите учесници сум во движењето 1943/44 година. Член сум на Сојузот на борци скоро 70 години. Прилеп градот херој заслужува ваков орден, доделен од претседателот на Југославија, затоа што Прилеп е револуционерен град, витален град, непокорен град, секогаш се борел против разните ропства кои што биле присутни на овој терен. Прилеп бил расадник на револуционери, на обласни раководители, а и раководители на ниво на државата“, рече Круме Соколоски, претседател на организација на борци на Прилеп.

 

Инаку за прв пат во историјата годинава Прилеп и Куманово, градовите каде пукнала првата пушка, заеднички ќе го одбележат празникот 11 Октомври.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи