ВИДЕО – Започна тридневната филмска програма на фестивалот „Со Марко на улица“

Во рамки на фестивалот „Со Марко на улица“ ќе се одржи тридневната филмска програма на која ќе бидат прикажани 23 филмови. Со по 8 краткометражни филмови ќе учествуваат двата фестивали „Winter apricots“ и „Македокс“, а ќе бидат прикажани и 7 филмови од Прилеп во избор на Јавен Простор Прилеп.

 

 

„Ние сме дел од тродневна филмска програма, денес се прилепските автори, утре сме ние и во сабота е „Македокс“. Ние се претставуваме со најдоброто од изминативе две фестивалски години. Програмата почнува од 16 часот и 15 минути, двочасовна програма и ги поканувам сите заинтересирани да дојдат. Станува збор, како што е и нашиот фестивал, за краткометражни филмови, интернационална програма од сите земји. Не нема скоро два месеци, па се надевам дека некој сака да се потсети кои сме и што сме и да погледне некој филм од нашите верни фанови“, истакна Дарко Ѓоргиески, фестивал „Winter apricots“.

 

Ѓоргиески рече дека активно се подготвувале за третото издание на „Winter apricots“ кое требало да се одржи кон средината на декември.

 

„Со оглед на тоа дека фестивалот „Со Марко на улица“ е на самиот почеток, јас би ја поздравил иницијативата, енергијата и сите учесници во организација. Сега за сега изгледа добро, се надевам дека така ќе биде и следниве два дена и дека ќе направиме нешто што ќе остане и понатаму, што ќе остане некоја традиција која што би го одржувала Прилеп активен на културно поле“, додаде Ѓоргиески.

 

Денеска се прикажуваа 7 филмови од прилепски автори во избор на Јавен Простор Прилеп.

 

„Главно се занимавам со фотографија и дизајн. Ова ми е прво искуство на кое учествувам со филм и прв пат работев филм. Вечерва учествуваме со 7 филмови од Прилеп, краткометражни. Јас се претставив со документарец, краткометражен филм. Јас сум главно презадоволен од оваа програма и се надевам дека ќе продолжиме да учествуваме со многу вакви настани, за до го живнеме градот малку. Името на мојот филм е „Патот кон дома на еден печалбар“, рече Андреј Зејтаноски, автор на филм.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien