ВИДЕО: Информативна сесија за користење на фондовите од Програмата „Креативна Европа на ЕУ“

Денеска во Прилеп се одржа информативна сесија за програмата „Креативна Европа“, за двете подпрограми„ Култура“ и „Медиа на ЕУ“. Информативната сесија е дел од серијалот настани кои ги реализираат Делегацијата на ЕУ, Министерството за култура и Агенцијата за филм на Република Македонија, со цел потенцијалните апликанти од културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор да бидат информирани за навремена подготовка на проекти за претстојните повици за аплицирање.

 

 

Билјана Прентоска од Канцеларијата за „Креативна Европа на ЕУ“ при Министерството за култура, вели дека ова е единствена Програма на ЕУ наменета за за културните, креативните и аудиовизуелните сектори, на која покрај јавните и локалните установи од областа на културата, потенцијални апликанти можат да бидат и општините, образовните институции и невладините организации.

 

„Во суштина, Министерството за култура е координативно тело на оваа Програма, а Агенцијата за филм која ја спроведува подпрограмата „Медиа“ е наш партнер во спроведувањето на Програмата на национално ниво. Од почетокот на нејзиното реализирање, вакви информативни сесии се одржани во Скопје, Охрид, Струмица, Велес, Куманово, Тетово, така што денешната сесија во Прилеп е дел од пакетот сесии за охрабрување на културните оператори за нивно вклучување во користење на овие фондови“, истакна Прентоска.

 

Раководителот на „Медиа“ програмата која функционира во рамки на Агенцијата за филм, Бистра Георгиева, рече дека оваа Програма е дизајнирана на начин исклучиво да го финансира аудиовизуелниот сектор.

 

„Тука спаѓа развојот на филмови, анимациски и документарни проекти, финансиска поддршка на филмски фестивали, поддршка на проекти кои подразбираат развивање и ширење на филмската публика, видео игри. Покрај тоа што можат да аплицираат продукциски куќи, можат да аплицираат и регистрирани фирми, здруженија на граѓани и државни институции“, нагласи Георгиева.

 

Виолета Качакова, како претставник на организацијата Центар за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ од Скопје, изјави дека ова здружение е меѓу првите во нашата држава кое има искористено грант од програмата за култура.

 

„Тоа е грант кој подразбира европски проекти, кои се спроведуваат со европски партнери и чиј опус треба да биде што поширок број на земји кои се членки на ЕУ, но и на земји кои не се членки на ЕУ, а притоа да бидат застапени земји од сите региони. Конкретно, ние работиме на полето на современите изведувачки уметности, а нашата мрежа опфаќа партнери од 12 европски земји“, потенцираше Качакова.

 

Покрај презентациите, дел од информативната сесија беа и индивидуалните консултации со потенцијалните апликанти.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien