Париз ќе ги отвори вратите на општинската палата за згрижување бездомници преку зимата

Палатата во која е сместена локалната администрација на Париз оваа зима ќе ги отвори вратите за бездомните лица како дел од пошироката стратегија со која јавните објекти ќе се користат како засолништа во итни случаи.

 

Планот го соопшти градоначалничката Париз, Ан Хидалго, за весникот Журнал ду Диманш, посочувајќи дека се потребни околу 3.000 места кои би служеле како ноќни засолништа.

 

„Повеќе општински објекти и оние од левицата, и оние од десницата, прифатија да бидат отворени како центри за згрижување бездомници“, изјавила Хидалго, која е претставник на француските социјалисти.

 

Помеѓу понудените засолништа ќе биде и објектот каде ја извршува својата функција, палатата во центарот на Париз од 19-тиот век. Предвидено е да служи како засолниште за жени за време на ниските зимски температури, а ќе може да прими помеѓу 50 и 100 лица.

 

„Општинската администрација на Париз мора да служи како пример, да покаже дека е возможно да се згрижат бездомни луѓе насекаде, дури и во палатите на републиката“, рекла Хидалго.

 

Хидалго се заложила дека ќе создаде околу 1.500 места за итно згрижување на бездомници до крајот на годината, а веќе поттикна повеќе јавни објекти да ги отворат своите врати.

 

„Мораме да ги засукаме ракавите. Ги повикувам бизнисите, кои имаат празни објекти, да ги стават на располагање“, додала градоначалничката.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien