Фестивалот „Со Марко на улица” со сигурност станува уште еден од препознатливите културни брендови на Прилеп

Успешно се заокружи и заврши првото издание на уличниот фестивал „Со Марко на улица” во Прилеп, во организација на Центарот за современа ликовна уметност, а поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија и Општина Прилеп. Фестивалот се одржа во просториите на ЦСЛУ Прилеп и Домот за култура Марко Цепенков. Фестивалот беше осмислен како проба за реактуализација на културното и народното наследство, преку користење на модерни сликарски техники, современи технологии и музички меѓуформи, што несомнено се покажа како успешна форма. Тематска инспирација на првото фестивалско издание беше ликот и делото на Марко Цепенков. Во текот на трите фестивалски дена беше понудена богата фестивалска содржина, која ги вкучуваше сите возрасни групи. Секој фестивалски ден започнуваше со рекреативни часови по зумба со Благоја Мирески.

 

 

 

„Секојдневно беше отворен малиот книжевен саем на Книготеката Икона, како и дневните работилници за ѕидно сликарство со Валентина Конеска, Ферди Булут и Александар Џинго. Сработените ѕидни мурали може да се видат секојдневно во ЦСЛУ Прилеп. Одржани беа три работилници за деца: текстил и бои, за графички дизајн и Аутомата работилница за уметност и кинетика. Програмата за деца беше збогатена со театарски претстави и настан на деца од основното училиште “Кочо Рацин” кои под насловот „Дедо Марко ми кажа”, ги говореа многуте поговорки запишани од Цепенков. Децата и возрасните имаа можност секојдневно да се дружат со дедо Марко, кој ги анимираше посетитетлите, а на децата пак им раскажуваше приказни. Фестивалот имаше богата филмска програма, реализирана со Јавен Простор Прилеп и фестивалите Winter Apricot и МакеДокс“, вели Звонко Димоски, организатор на фестивалот.

 

 

 

 

 

Димоски иистакна дека биле претстваени и двете нарачани маркови визуализации со музичка придрижба: Ѓорѓи Десподов и LTX и Емилија Миткоска со Митрик.

 

„Исклучително атрактивно за посетителите беше отворањето на фестивалот со Огнената приказна на Agni Fire Dance, како и студиото за филмска и театарска шминка со Сашо Мартиновски, Даниела Иваноска и музичкиот проект БарумБарум. Фестивалот понуди богата дневна и ноќна музичка програма: Double String, Васко Бојаџиски, КАИН, Chromatic Point, Room 313 и нивните специјални гости, односно Дени Трајков и Mastrapiece visuals. Фестивалот и фестивалските програми ги надополни импресивно сработените рекламни и промотивни материјали, подготвени од Ѓорѓи Десподов и УрбанЕра“, додава Димоски.

 

Од ЦСЛУ велат дека се многу задоволни од начинот на којшто беше сработен и осмислен целиот проект и од посетеноста и реакцијата на граѓаните на новите понудени уметнички форми. Димоски се надева дека фестивалот ќе прерасне во традиционален и ќе биде една од работите по кои Прилеп по иднина би бил препознатлив. Несомнено е дека оваа идеја има потенцијал да развива и расте, а ликовите и настаните кои може да послужат како инспирација се многубројни.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien