Општина Прилеп: ВМРО-ДПМНЕ и нивниот градоначалник со три последователни мандати, ја доведоа чаршијата до сегашната состојба

Доколку ВМРО-ДПМНЕ беа искрено загрижени за Старата прилепска чаршија, во 12-те години практикување локална власт, тие имаа можност да го задржат автентичниот изглед на еден од главните симболи и знаменитости на градот. Наместо тоа, ВМРО-ДПМНЕ и нивниот градоначалник со три последователни мандати, ја доведоа чаршијата до сегашната состојба, реагираа од Општина Прилеп, на денешната прес конференцијата на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

Реакцијата ја пренесуваме во целост.

 

Во изминатите 12 месеци, Општина Прилеп и градоначалникот Илија Јованоски работеа на реализација на проектите предвидени во неговата изборна програма. Дел од неа беа и сега веќе изградениот Дневен центар за лица со церебрална парализа, инфраструктурно уредената населба „Три багреми“, новата градинка во ООУ „Рампо Левката“, подобрените услови во основните и средните училишта, асфалтираните улици „Александар Македонски“, „Бранко Секулоски“, „Кеј 1.Мај“, „Кеј 9.Септември“, асфалтираниот пат до вештачкото езеро и останата уредена патна мрежа во градот и населените места.

 

Исто така, меѓу она што локалната самоуправа и градоначалникот Јованоски го реализираа во изминатата година, се најдоа и проекти кои не беа содржани во изборната програма, како што беше проектот за заштита на Марковите кули.

 

Иако нема законска обврска, новата локална власт и градоначалникот Илија Јованоски покажаа грижа за земјоделците кои доживеаја огромни штети од невремето кое ги опустоши земјоделските површини, а кои Општина Прилеп делумно ќе ги обештети со сопствени буџетски средства.

 

Добро е што ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Прилеп, макар и декларативно, покажува грижа за состојбата со Старата прилепска чаршија. Доколку нивната загриженост беше искрена, во 12-те години практикување локална власт, тие имаа можност да го задржат автентичниот изглед на еден од главните симболи и знаменитости на градот. Наместо тоа, ВМРО-ДПМНЕ и нивниот градоначалник со три последователни мандати, ја доведоа чаршијата до сегашната состојба.

 

Она што опозициската партија, но и граѓаните на општина Прилеп треба да го знаат, е дека актуелната локална власт во соработка со Завод и Музеј Прилеп, го изработуваат основниот проект за подобрување на амбиентот и привлечноста на Старата чаршија. Оттаму, сакаме да ве увериме дека и овој проект, исто како и останатите проекти кои градоначалникот Илија Јованоски ги вети во својата изборна програма, ќе бидат реализирани до крајот на неговиот мандат.

 

Истовремено, ја користиме оваа прилика да ја информираме пошироката јавност, дека во следните денови, преку локалните и националните медиуми, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски ќе даде детален извештај за сработеното во првата година од практикување на градоначалничката функција.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи