ВИДЕО – 11 години без Тоше – маратонците во Крушево пречекани со над 600 ружи

Со над 600 ружи од влезот на градот па се до гробот на Тоше вака денеска беа пречекани 12-те маратонци кои во чест на нашата најголема музичка ѕвезда на 11 годишнината од неговата смрт трчаа од Нова Градишка, Хрватка до неговото вечно почивалиште. И годинава Србија без објаснување не дозволи маратонците да поминат низ нејзина територија.

 

 

 

 

„Истрчавме преку 420 км. на територијата на Хрватска и Македонија за којшто потребни ни беа околу 43 часа“, рече Наум Капричевски, учесник на маратонот.

 

На маратонците година за прв пат им се приклучиле и 4 членови на здружението „Тиквешки точакџии“.

 

„Ние сме тука да ги негуваме и чуваме делата кои ни ги остави Тоше“, кажа Драган Јованов, здружение „Тиквешки точакџии“.

 

Во Крушево денеска имаше стотици фанови на Тоше од целиот Балкан.

 

„Доѓам тука од 2008 година, сум била над 30 пати во Крушево и не пропуштам ниту една годишнина или роденден на Тоше“, рече Сања Ладовац, фан на Тоше од Хрватска.

 

„Јас доаѓам од Русија, прв пат дојдов тука во 2012 година. Од тогаш имам дојдено неколку пати, многу го сакам и почитувам Тоше“, рече Наташа Кандрашова, посетител од Русија.

 

„Секоја година доаѓаме во Крушево и тоа не само на 16 октомври и 25 јануари, тука сме затоа што го сакаме Тоше. Тоше е најдобриот пример и за старите и за младите и сите треба да се сеќаваат на него“, истакна Елеонора Василева, посетител од Бугарија.

 

„И јас сум родена на 25 јануари. Јас секогаш празнувам два родендени. Малку плачам, но гледам да сум и радосна и да празнувам и за него“, вели Радица Иванова, посетител од Бугарија.

 

Од меѓународната фондација „Тоше Проески“ најавија промоција на новиот албум на Тоше на концертот кој ќе се случи на 2 ноември во Скопје.

 

„Фановите на Тоше ќе имаат прилика да ги погледнат и 3-те нови видео спота кои се изработени тука во Македонија“, рече Андреј Николоски, директор на меѓународна фондација „Тоше Проески“.

 

Идната пролет се очекува да започнме и изградбата на новиот гроб на Тоше за кој беа одделени 150.000 евра.

 

„Имавме некои правни проблеми и процедури кои се надминаа, во моментов работиме на идејно решение и проектна документација“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

 

Присутните ја посетија и Спомен куќата на Тоше Проески која од 2011 до денес ја посетиле над 650.000 луѓе од целиот свет.

 

„Стануваме еден атрактивен музеј кој го посетуваат се повеќе луѓе. Имаме што да понудиме. Најприсутни се фановите од Балканот, но ги има и од Бугарија, Чешка, Русија. Утринава беа дојдени туристи еден цел автобус од Тајланд кои беа воодушевени од нашиот објект и вчудоневидувачки беше фактот колку тие беа запознати со Тоше и неговото дело“, истакна Елена Мирческа, директор на Спомен куќата „Тоше Проески“.

 

Во ќуката денес се одржа креативна работилница каде тематски се изработуваа дела поврзани со Спомен куќата и Тоше.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien