ЗНМ со осуда до Кировски: Целта на забраната е контрола на новинарската слобода

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) произлезе со реакција кон главниот и одговорен уредник на Телма во врска соопштението кој истиот го објавил, а со кое им се забранува на вработените во телевизијата да објавуваат свои мислења, коментари и анализи на социјалните мрежи.

Соопштението на ЗНМ ви го пренесуваме во целост.

 

„Здружението на новинарите на Македонија остро ја осудува практиката на Атанас Кировски, директор и главен и одговорен уредник на Телма, кој на новинарите од телевизијата им забранува да објавуваат било какви коментари, мислења и анализи на социјалните мрежи и им се заканува со казни ако не ја почитуваат ваквата наредба.

Општо и арбитрарно забранување на секакви коментари и мислења на новинари во социјални мрежи повикувајќи се на почитување на наводна неутралност од политичките процеси, претставува најбрутално кршење на слободата на говорот, кое е загарантирано со македонското и меѓународното право.

Оваа забрана е еклатантен пример на цензура на интернет, која има за цел да поттикне самоцензура кај новинарите на Телма за да го прилагодат нивното известување согласно вкусот на главниот и одговорен уредник Кировски.

Во светот има практики каде новинарите се повикуваат да се воздржат да коментираат за политичките процеси на социјалните мрежи со цел да се сочува угледот на медиумот и тоа претежно се применува во јавните радиодифузни сервиси.

Меѓутоа, таквото ограничување е предвидено во внатрешните етички кодекси на медиумот, кои се јавно објавени и каде јасно се прецизира за кои новинари се однесува и во кои ситуации можат да се применат ограничувањата.

Самиот факт дека забрана за коментирање на социјални мрежи не го опфаќа и самиот директор и главен и одговорен уредник на Телма, покажува да практиката не е формализирана преку донесување на внатрешен акт, туку е своеволна одлука, која е селективна и дискриминаторска. Целта на забраната првенствено не е да се сочува угледот на телевизијата, туку да се контролира новинарската слобода.

Јавно го повикуваме директорот Кировски да ја повлече ваквата забрана затоа што со вакви непромислени одлуки се ограничува новинарското изразување што негативно ќе се одрази на квалитетот на програмата и угледот во јавноста за Телма, која претендира да биде слободен и професионален медиум.“

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien