Кировски им забрани на новинарите од Телма да искажуваат ставови и да коментираат на социјалните мрежи

Од пред еден месец на новинарите од Телма им е забрането своите лични ставови да ги искажуваат на социјалните мрежи. Забраната стигнала откако главниот и одговорен уредник, Атанас Кировски, со известување им се заканил на новинарите дека ќе бидат санкционирани доколку ја прекршат забраната.

 

Известувањето е поставено во телевизијата неколку недели пред референдумот. Како што стои во известувањето, мислењето на новинарите вработени во Телма се третира како мислење на куќата и им се наредува да се воздржат од искажување на своите ставови.

 

„Вработените во ТВ Телма ја претставуваат во јавност телевизијата. Било каков политички став, коментар или мислење на одредени теми се интерпретира како став на телевизијата, а не како личен став на вработените во ТВ Телма. Од тие причини се забрануваат коментари, мислења и анализи на фејсбук профили, твитер и други социјални мрежи или медиуми, кои не се одобрени од уредничкиот колегиум на ТВ Телма. Во иднина било каков коментар ќе биде санкциониран“, стои во известувањето потпишано од главниот и одговорен уредник.

 

Информацијата за ригорозната забрана на Телма предизвика остри реакции кај социјалните мрежи и фелата. Дел од јавноста смета дека ова е воспоставување на диктатура во медиумот и прекршување на уставното право на новинарите да имаат свое мислење и истото да го искажуваат.

 

Медиумската фела апелира до новинарските здруженија да реагираат, да не ги остават новинарите незаштитени и да го одбранат нивното уставно право.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien