Повторно поништен јавниот повик за финансиска поддршка на авиокомпании

Министерството за транспорт и врски повторно го поништи јавниот повик за финансиска поддршка на авиокомпании кој што беше објавен на 13 септември годинава.

 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска на прес-конференција во Владата, информираше дека до крајниот рок е доставена само понуда од Визер, но таа не одговара со условите и критериумите во тендерот.

 

Критериумите за пријавување се транспорт на минимум 10 милиони превезени патници во 2017 година и профит од 25 милиони евра. Субјектот што ќе биде избран на јавниот повик ќе има база од најмалку еден авион во Скопје или во Охрид почнувајќи од 10 јануари догодина до крај на програмата. Услов плус се две нови линии од главниот град и четири од охридскиот аеродром.

 

Авиокомпанијата Визер доставила понуда во која сите четири дестинации од аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, планира да ги воведе во август 2019 година што е спротивно на еден од критериумите во тендерот.

 

„Во повикот јасно стои дека авиокомпанијата има обврска до 10 јануари 2019 година да воведе две линии од аеродромот во Охрид и уште две во рок од една година од потпишувањето на договорот. Авиокомпанијата Визер понудила сите четири дестинации да ги воведе во август 2019 година. Поради ова, комисијата констатираше дека условите од јавниот повик не се исполнети и даде препорака овој јавен повик да се поништи. Оваа фактичка состојба не ми остава никаква друга можност освен доследно почитувајќи ја  уредбата и јавниот повик повторно да ја поништам и оваа постапка“, нагласи Сугарески.

 

Тој додаде дека Владата останува доследна на мерката за финансиска поддршка за авиокомпании кои ќе понудат нови дестинации за македонските граѓани и оти средствата за субвенционирање се веќе предвидени во буџетите.

 

Последниот јавен повик траеше до 12-ти октомври и со него се предвидуваше еднократна исплата на 40.000 евра за секоја нова линија од Скопје и субвенции од девет евра по патник во првата година од договорот, осум евра во втората година и седум евра во последната година. Бројките за Охрид се 13 евра по патник за секоја нова линија во 2019 година, 12 евра по патник во 2020 година и 11 евра во третата година.

 

„Критериумите и условите нема да ги менуваме, тие ќе бидат исти како и на претходниот јавен повик“, истакна Сугарески и најави дека  Министерството за транспорт и врски ќе објави нов јавен повик.

 

Тој нагласи дека нема никаква тенденција во поништувањето на тендерот и ги отфрли шпекулациите дека тендерот се мести за Air Albania.

 

Досега се објавени два јавни повика и оти двата беа поништени. На двата повика понуда достави само компанијата Визер.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien