Од рак на дојка годишно умираат 279 жени, неопходни редовни прегледи

Од рак на дојка во Македонија годишно умираат 279 жени, или 27 на 100.000. Најголем број од смртните случаи се на возраст од 55 до 59 години. Превенцијата вклучува самопреглед на дојките и мамографски преглед со цел болеста да се открие во претклинички стадиум. Минатата година се регистрирани 218 случаи на рак на дојка кај жени и четири кај мажи. Петнаесет нови случаи се пријавени кај млади жени на возраст под 40 години.

 

Ова беше истакнато на прес-конференцијата на Институтот за јавно здравје на Република Македонија по повод „Октомври – Месец за свесноста за рак на дојка”.

 

Раководителот на Секторот за промоција, анализи и следење на незаразни болести при Институтот за јавно здравје, проф. д-р Елена Ќосевска рече дека изготвен е план на активности според кои подготвиле плакати, брошури и упатство за самопреглед на дојките кои преку десетте центри за јавно здравје се дистрибуираат до речиси сите здравствени установи.

 

„Сите жени на возраст од 50 д 69 години кои немаат симптоми имаат можност да направат бесплатен мамографски преглед заради евентуално откривање на ракот на дојка во неговиот претклинички стадиум. Предност имаат жените кои ќе бидат повикани, а немаат регулирано осигурување. Доколку не успеат да добијат термин оваа година, програмата продолжува и следната година, што значи можностите се обезбедени“, посочи Ќосевска.

 

Појасни дека мамографски прегледи се прават во 22 јавни здравствени установи, во Здравствената станица Железара, девет здравствени домови, осум општи болници, три клинички болници и во Универзитетската клиника за радиологија каде има дигитални и аналогни мамографски апарати.

 

Раководителот на Центарот за статистичка обработка на податоци, публицистика и едукација при Институтот за јавно здравје, Вјоса Речица рече дека една на секои осум жени може да развие рак на дојка. Началникот на Одделението за следење на незаразни болести при Институтот, Тања Лековска-Стоицовска истакна дека самопрегледот на дојките треба да биде детален и редовен.

 

Одговарајќи на новинарско прашање Ќосевска рече дека кога почнала програмата во вид на кампања кај многу поголем број жени ракот на дојка бил дијагностицирана во напреднат стадиум, а за разлика од тогаш сега поголем е бројот жени кај кои болеста се дијагностицира во прв или втор стадиум.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien