ВИДЕО – Над 230 учесници на спектаклот „Macedonian Trophy 4×4“ кој ќе се одржи во Прилеп од 26 до 28 октомври

По трет пат оваа година во Прилеп ќе се одржи настанот „Мacedonian trophy 2018“ кој е единствена манифестација од овој вид во Македонија. Организатор е клубот „OFF-ROAD PRILEP“. Се очекува да присуствуваат над 230 учесници од Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, а најмногубројни ќе бидат учесниците од Бугарија. Иако имало и повеќе заинтересирани учесници поради ограничениот сместувачки капацитет во Прилеп бројката на љубители на овој адреналински спорт нема да се зголеми. Новитет годинава ќе биде тоа што манифестацијата ќе трае 3 дена, а ќе има и ноќно возење. Деновиве активно се обележуваат стазите и специјалите каде ќе се движат натпреварувачите.

 

 

„Оваа година имаме новитет, се возат 3 дена од кои првиот ден ноќна етапа. Стартот е предвиден да биде околу 19 часот. Возат по патна книга, предвидено време за завршување на ноќната етапа е 4 часа. Саботата исто стартот е предвиден кај Лагово околу 10 часот. Вториот ден, саботата, учесниците имаат да поминат околу 60 километри траса и исто се вози по патна книга. Во тие 60 километри имаат околу 7-8 специјали кои мора да ги поминат во најбрз временски период. Во неделата пак е предвидено да се вози на полигонот за екстремни спортови „Старо Лагово“, рече Панчо Чупаркоски, организатор на настанот.

 

За ноќната трка најатрактивно за публиката ќе биде кај селото Селце, каде ќе биде осветлена со рефлектори една од специјалите. А најдобро за гледање ќе биде во неделата на полигонот за екстремни спортови кај Лагово.

 

„За гледачите има само една точка каде може да гледаат, тоа е во атарот на село Селце. Тука има поатрактивно возење, значи доста тежок специјал. Потоа се упатуваат кон планините, така да нема многу за гледање. За гледачите најдобро ќе биде во неделата, тоа е предвидено за публика, таа е затворена траса на полигонот за екстремни спортови „Старо Лагово“. Оваа година имаме плус една категорија, хард трофи. Значи имаме 3 натпреварувачки категории и една туристичка категорија. Имаме хард трофи, таа е најтешката категорија, потоа имаме трофи класа и адвенчр класа. Хард трофи и трофи се тешките класи и ќе имаат доста работа и доста проблеми за да ја поминат патната книга“, додаде Чупаркоски.

 

Ова е единствен спектакл од ваков вид кај нас. Чупаркоски истакна дека се надева спортот да се шири и во другите градови на Македонија и дека неговата популарност ќе биде уште поголема во наредните години.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien