ВИДЕО – Се конзервира жртвеникот во Стибера, другите објектите кои се во приватен имот ќе чекаат подобри времиња

На античкиот локалитет Стибера кај Прилеп во тек е конзервација на жртвеник кој потекнува од 1 или 2 век од н.е. и за кој се уште не е откриено на кој Бог бил посветен. Репрезентативниот објект изграден од мермер бил откриен во 2014 година и е прв од ваков тип откриен во Стибера.

 

 

„Проектот конзервација на жртвеник во Стибера е дел од програмата на Завод за заштита на споменици и музеј Прилеп финансиран од миинистерството за култура на РМ. Се работи за објект кој во основа е 5 на 5 метри. На чија основа има фино делкани мермерни блокови од бел мермер, кои достигнуваат тежина и до 1,5 тони. Тие меѓусебно се поврзани со лиено оловна фуга која што е зажлебена во камените блокови. Имаме направено и графичка реконструкција на објектот врз основа на елементите кои ги имаме најдено со археолошките ископувања и стручната литература која што ни беше на располагање. Целта на конзервацијата е пред се да се заштиити културното наследство. Тука имавме дислоциирани мермерни блокови, а голем дел од нив се однесени во непознат правец, како што имавме во близина поставена два од овие блокови како постамент на селската чешма. Овој објект од акрополата или центарот на Стибера каде сега се наоѓаат главните наоди се наоѓа на 600 до 700 метри, но мора да се има во предвид дека градот Стибера е распослан на целата оваа површина. Имаме ние јужно од овој објект откриено и терми, бањи“, вели Кире Јованоски, архитект конзерватор.

 

  

 

 

 

Но конзервацијата на жртвеникот се случува по чиста среќа што истиот се наоѓа на државно земјиште. Другите објекти пак откриени во Стибера за жал или воопшто не се конзервираат или се препуштени на забот на времето. Државата воопшто не води грижа околу тоа приватните ниви на кои се наоѓа овој имресивен град да се откупат од жителите на селото Чепигово. 90 % од Стибера се наоѓа на приватен имот.

 

„Станува овде за отворен тип на градски жртвеник. Верниците тука можеле секојдневно и во секое време да приложуваат жртва на својот Бог за разлика од оние храмови кои биле од затворен тип. Аналогии на ваков жртвеник има доста и тие се со помалии димензии. Имаме среќа што овој жртвеник е позициониран на државно земјиште за разлика од другите објекти кои ги истражувавме во последните неколку години, кои се наоѓаат на приватно земјиште и на кои не можевме да направиме конзервација, како што правиме тука. Проблемот со парцелите е една тема уште од пред 20 години. Меѓутоа интересот на државата не е како што треба парцелите на мештаните да бидат заменети со парцели кои што ги има во голем број во државна сопственост илии пак да им се откупат. Но ете овој проблем не се решава за да може археолошките истражувања да се одвиваат како што треба. Со тоа овој проблем што неможат парцелиите да се отуѓат, односно да се земат под државна сопственост, најголем проблем е тоа што објектите неможат да се конзервираат, иако се истражении за жал ги засипуваме повторно со земја заради нивна заштита. И со тоа што се засипат неможе овие објекти да се презентираат туристички што е цел на секое археолошко истражување и вложување на државата во археолошките истражувања “, изјави Душко Темелкоски, раководител на проектот.

 

 

 

Иако станува збор за град кој е на рангот на Хераклеа или Стоби, тој за 6 децении е откриен само 5% токму поради овој проблем. Жителите барале 1 нивни декар во Стибера да биде заменет со други 2 декари државно земјиште, но државата засега е глува за овие барања.

 

„Ова откритие укажува, како што во многу наврати досега и литературата го потврдила, а ние со колегите, дека се работи за град од 20.000 жители кој што ја има целата инфраструктура и сите ексклузивитети на тој вид и големина на град, меѓутоа за жал денес ние можеме да се пофалиме со само неколку откриении објекти. Што значи дека изненадувањата допрва ни следуваат“, истакна Јованоски.

 

За тој временски период град од 20.000 жители би бил еднаков како една денешна голема метропола. Стибера е формиран некаде во 3 век п.н.е и функционирал се до 3 век од н.е. кога го уништиле варварите.

 

 

 

КАКО ИЗГЛЕДАШЕ МЕСТОТО ПРЕД КОНЗЕРВАЦИЈАТА 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien