Царовска: Следната година законски ќе се дефинира еднородителското семејство

Дефинирање на еднородителското семејство се очекува следната година. Во 2019 ќе се отвори Законот за семејство со цел да се интервенира во него и да се даде јасна дефиниција за тоа што претставува овој семеен конструкт. Сепак, дефиницијата ќе биде дел од еден посложен процес на дефинирање на сите видови други семејства, кои постојат во праксата, а не се препознаени во законските решенија.

Ова денеска го посочи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на тркалезната маса „Еднакви права и можности за самохраните мајки“, на која беше презентирата првата анализа изработена кај нас за состојбата на еднородителските семејства на самохраните мајки во Република Македонија.

 

Една од препораките во анализата е токму дефинирањето на терминот самохран родител и еднородителско семејство во соодветнитe законски норми. Непостоење адекватна дефиниција за самохран родител и еднородителско семејство претставува основен проблем, но и појдовна точка за правилно препознавање и правен третман на овие семејства во Македонија, се наведува во анализата изработена од ГО „Една може“.

 

„Кај нас воопшто кога се дускутира за семејство, мошне тешко се отвора тоа прашање. Нашето семејство не еволуирало, нема еволуција во дефинирањето на семејството во Република Макединија. Тоа е еден посложен процес за кој треба да има дебата“, рече Царовска.

 

Истакна дека припадниците на овој тип семејство се обесправени, како што рече, некако се во сивата зона, работите се недорегулирани и сето тоа прави проблем во остварување на основите граѓански права и поддршката што треба да ја добијат.

 

Царовска напомена дека кога говориме за еднородителските семејства, речиси секогаш помошта се поврзува со материјалната, но како што рече не секогаш еднородителско семејство имаат потреба од материјална помош.

 

„Имаме мајки и татковци кои се материјално обезбедени, а се дел од еднородителско семејство. Одлучиле така да живеат од различни причини, да немаат партнер, да се разведат или едниот партнер починал. Но се материјално обезбедени и немаат потреба од поддршка. Да не им се мешаме. Не значи дека еден човек помалку добро ќе одгледа дете од двајца“, рече Царовска.

 

При дефинирањето на еднородителското семејство, вели министерката, треба точно да прецизираме што тоа значи.

 

„Дали ако другиот родител постои, е признат и плаќа алиментација станува збор за еднородителско семејство, затоа што тука имаме финансиски средства, но и присуство на другиот родител. Со дискреционото право на системот на социјална заштита треба да се утврди дали тоа присуство е вистинско или не. Ако другиот родител исплаќа само финансиски средства и не е присутен во растот на детето, тогаш веројатно тоа ќе го дефинираме како еднородителско, бидејќи имаме потреба од услуга како поддршка за менаџирање на тоа семејство“, вели таа.

 

Царовска додаде дека на пример ако мајката работи во пекара и заминува на работа во четири часот, „нема да се потпреме на бабите ако сме сериозна држава“.

 

Додаде дека на пример ваква услуга има во Велика Британија. На локално ниво има сервис за детето да се разбуди, да се однесе на училиште, да се врати дома.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien