Замрзнати 69 објекти на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и седиштето на партијата

Кривичниот суд замрзна имоти на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и седиштето на партијата позната како Белата палата во истрагата за случајот „Талир“, соопштија од Специјалното јавно обвинителство.

 

Со мерката се замрзнати вкупно 69 недвижнини. Вкупната проценета вредност на 68 објекти е 3,5 милиони евра, а меѓу нив има и земјиште. Седиштето на партијата е проценета на над 14 милиони евра.

 

Ниту еден од овие објекти нема да може да се продава ниту да се издава под наем до завршување на постапката по предметот на СЈО под кодно име – „Талир“.

 

Случајот се однесува на нелегално финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а меѓу 14-те осомничени, освен поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се наоѓаат и повеќе високи функционери од партијата.

 

Од СЈО велат дека побарале замрзнување на имотот од две причини. Едната е најавите на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју дека има намера за продавање или давање под закуп на палатата, а втората е продажба на еден стан во Кисела Вода на почетокот од годинава за околу 100.000 евра.

 

Од ВМРО ДПМНЕ пак, обвинија дека се работи за политички прогон на партијата а прстот  го вперија во премиерот Зоран Заев и судиите ос скопскиот Кривичен суд. Од најголемата опозициска партија најавија и дека ќе бараат лична и политичка одговорност.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien